11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Навални останува во затвор, по одлука на судот

Рускиот суд денеска донел одлука дека критичарот на Кремљ, Алексеј Навални мора да остане во затвор, отфрлајќи ја жалбата со која се бара негово ослободување.

Судот потоа му одреди мерка притвор за кршење на условната казна, која дисидентот ја отфрла. Навални чека низа правни постапки што може да доведат до неколку години во затвор, пишува Ројтерс.

Западните држави повикаа на негово ослободување, како и десетици илјади демонстранти ширум Русија во саботата. Навални се појави денеска во судот преку видео врска, барајќи свое ослободување и отфрлајќи ги „апсурдните“ обвинувања, наводно, од руските власти од политички причини.

“Никогаш нема да дозволиме овие луѓе да ја киднапираат и ограбат нашата држава. Да, бруталната сила е сега на ваша страна. Може да ми ставите лисици, но тоа нема да трае вечно”, рече тој.

Неговите адвокати ќе се жалат на одлуката да остане во притвор, пренесува руската новинска агенција Интерфакс.

По денешната одлука, Навални му рекол на судијата дека му било „јасно пред да започне сослушувањето“.

Приврзаниците на Навални викендов повикаа на нови протести, а властите најавија дека ќе бидат нелегални и ќе ги спречат. Најмалку 3.400 лица беа уапсени на протестите минатиот викенд.