Навални утре на слобода, судот го одби барањето за продолжување на казната

Судот во Москва денеска го оби барањето на директорот на затворот во кој опозицискиот лидер Александар Навални отслужува казна од 30 дена, за продолжување на казната за 18 часа, така што тој утре ќе биде на слобода.

Навални, кој важи за најголем непријател на Кремљ, минатиот месец беше осуден на 30 дена затвор поради организирање недозволени протести на опозицијата.

Додека беше во затвор, Навални доби силен осип на лицето, за кој лекарите рекоа дека е последица на алергиска реакција. Поради осипот, тој помина 18 часа во болница. Некои негови приврзаници сметаат дека тој бил отруен.

Директорот на затворот побара да му се продолжи казната за тие 18 часа поминати во болница, но судот во Москва го одби тоа барање.