НБ: Економијата во третиот квартал ќе има поумерен пад

Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија.Моменталните текови се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Ова го оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на последната седница.

– Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, поместување коешто е очекувано и во проекцијата на Народната банка. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата, градежништвото, прометот во угостителството, а делумно и кај трговијата – оценува Народната банка.

Според Народната банка просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на релативно ниско и стабилно ниво и за првите девет месеци од годината изнесува 0,9%, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната.

– Во однос на проекцијата, ваквите остварувања се над очекувањата за стапка на инфлација од 0% во 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година е зголемена, со претежно нагорни ризици – велат од Народна банка.

Девизните резерви и на крајот на третиот квартал на 2020 година се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, а во почетокот на октомври беше остварен дополнителен прилив од 80 милиони евра врз основа на заем на државата во рамките на макрофинансиската поддршка на Европската комисија.

– Главни фактори коишто делуваа врз промената на девизните резерви во третиот квартал се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Податоците од надворешнотрговската статистика заклучно со август упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекуваниот, согласно со априлската проекција – појаснуваат од Централната банка..

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за септември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително се зголеми, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари.

Показателите за домашните финансиски пазари за септември 2020 година упатуваат на натамошно подобрување на движењата и на девизниот пазар, со оглед на порастот на понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар.

– Овие случувања беа проследени со одржување на девизната ликвидност на банките на стабилно ниво и придонесоа за натамошно намалување, не само на присуството на Народната банка на девизниот пазар, туку и на износот на интервенции за продажба на девизи на банките поддржувачки, којшто во септември беше најнизок (11 милиони евра) од почетокот на кризата наваму. Поволните движења на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на октомври, кога банките на нето-основа откупуваат девизи од економските субјекти, а Народната банка нема интервенции – велат од НБ.

За разлика од оптимистичките согледувања на учесниците на меѓународните финансиски пазари во август, минатиот месец преовладуваше зголемена загриженост на инвеститорите поврзана со: новиот бран на ширење на корона-вирусот, особено во Европа, неизвесноста околу дополнителната фискална поддршка во САД и изгледите за Брегзит со или без постигнат трговски договор. Во такви околности, инвеститорите имаа поголем интерес за вложување во побезбедни финансиски инструменти, а зајакна и САД-доларот. Следствено, умерено се зголемија цените на државните обврзници издадени од земјите на еврозоната, а на релативно високи нивоа се задржаа и цените на државните обврзници во САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.