НБ: Здравствената криза и натаму негативно ќе влијае на економијата

Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност (продлабочување на падот на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото), оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Оттаму додаваат дека неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.

Во однос на инфлациските движења, комитетот оценува дека  ценовните промени за вториот квартал се нешто повисоки од проекцијата за вториот квартал, но тие се движени од фактори на страната на понудата.

– Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и променливост на цените на примарните производи, присутна е неизвесноста околу проекцијата на инфлацијата од 0%. за 2020 година – сметаат од НБ.

Оценето е и дека нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје се нешто подобри од очекувањата.

– Расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје упатуваат на поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на вирусот ковид-19 во текот на вториот квартал. Сепак, гледано по месеци, ефектите се најизразени во април, што е во согласност со очекуваната динамика, додека податоците за мај упатуваат на постепено закрепнување и можност трговскиот дефицит да биде во согласност со очекуваниот според проекцијата за вториот квартал. Од друга страна, податоците за менувачкиот пазар заклучно со јуни, упатуваат на пониски нето-приливи од приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал, во услови на пад и на понудата и на побарувачката за девизи – велат од НБ.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, оценето е дека првичните податоци за јуни покажуваат нивен солиден годишен раст, нешто повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.

НБ оценува и дека ликвидносната позиција на банкарскиот систем се задржа на релативно стабилно и солидно ниво, што се потврдува и со отсуството на потреба на банките за задолжување на пазарите на пари.

– Показателите за домашните финансиски пазари за јуни упатуваат на релативно стабилни движења на девизниот пазар, коишто сигнализираат натамошно постепено подобрување на очекувањата на физичките лица и економските субјекти. Овие случувања беа придружени со солиден раст на девизната ликвидност на банките, за што придонес имаа и интервенциите на Народната банка за продажба на девизи. Од почетокот на јули забележителна е умерена нето-побарувачка за девизи од страна на економските субјекти, поради што Народната банка од почетокот на месецот заклучно со 13 јули 2020 година, поретко интервенира со продажба на девизи на банките поддржувачи, во вкупен износ од само 3 милиони евра – велат од НБ.

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 1,5%.