НБА: Четврти последователен пораз на шампионот, Јокиќ го надмина Чемберлен

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс се поразени со 129:130 на гостувањето кај Орландо Меџикс, иако Стеф Кари го заврши мечот со 39 коша и 9 асистенции, а Денвер Нагетс до победата над Оклахома Сити Тандерс од 122:110 ги предводеше Никола Јокиќ кој со новиот „трип-дабл“ го надмина и легендарниот Вилт Чемберлен.

Воиорс по почетниот сооднос на победи и порази 3-2 нанижаа четири порази, а во новата сезона сѐ уште не остварија победа на гостински терен и беа поразени во сите пет натпревари на туѓ паркет.

Тимот на Голден Стејт имаше на 4,20 минути пред крајот на третата четвртина, по врзаните „тројки“ на Кари и Пол, имаше 16 поени предност, но Орландо до крајот на таа делница го намали заостанувањето на само два поена (96:98).

Во последната четвртина Орландо дојде и до 9 поени предност, но екипите во последната минута влегоа израмнети 126:126 по осмата „тројка“ на Кари. Но со иста мера возврати Џејлен Сагс, а потоа и украде топка зголемувајќи ја предноста на плус четири 130:126. Клеј Томпсон на 29 секунди до крајот со „тројка“ му донесе шанса за победа, но истиот играч со истекот на времето промаши шут од четири метри и остана на 27 поени.

На Орландо Меџикс, со сооднос 2-7, ниту оваа победа не им помогна да го напуштат самото дно на табелата во Источната конференција, но очекуваат да донесе самодоверба кај играчите. Особено за играчите од клупата кои донесоа значителна разлика во однос на резервните играчи на Голден Стејт Вориорс (45:23). Чума Океке постигна 16, ЕрЏеј Хамптон 15 а Кевон Харис 12 поени.

Најдобар играч на Орландо беше Џејлен Сагс со 26 коша и 9 асистенции, кои во последната минута му украде топка на Стеф Кари, што беше последната од неговите четири „кражби“ на мечот.

Првиот избор на годинешниот драфт Паоло Банкеро имаше уште една многу добра вечер во која постигна 22 поени со 8 скокови и 3 асистенции. Франц Вагнер постигна 19 поени за победниците.

 

За разлика од Орландо, Оклахома Сити Тандерс не излегоа како победници од домашниот дуел со фаворизираните гости од Денвер. Нагатс во „Пејкон Сентер“ славеа со 122:110, а притоа Никола Јокиќ дојде до уште едно историско остварување. Имено, двојниот МВП на НБА лигата постигна 15 поени со 13 скокови и 14 асистенции, што беше неговиот трет „трипл-дабл“ сезонава, а вкупно 79-ти о НБА кариерата, со што го надмина легендарниот Вилт Чемберлен кој беше досегашен рекордер меѓу центрите со 78 натпревари во кои имал „трипл-дабл“ остарување. Јокиќ моментално е трет во лигата на сите времиња во регуларниот дел од сезоната.

Нагетс уште во првата четвртина дојдоа до двоцифрена предност, а во втората дојдоа и до најголемата од „плус 19“, но ѝ дозволија на домашната екипа да се врати во мечот. Тандерс до крајот на третата четвртина успеаја првпат да дојдат и до водство, но Нагетс кон средината на последната делница се одвоија и мирно влегоа во завршницата и дојдоа до петтата победа сезонава, сега со сооднос 5-3.

Најдобар стрелец кај Денвер беше Арон Гордон со 27 коша, додека повратникот во тимот Џамал Мареј додаде 24 поени. Брус Браун со 15 поени, 9 асистенции и 5 скокови даде голем придонес од клупата.

Најдобар играч кај Оклахома Сити уште еднаш беше Шеј Гилџес-Александер со 37 коша, а промаши само четири обиди (13 од 17), а ги погоди сите 11 слободни фрлања. Лугенц Дорт додаде 19 поени, а Џош Гиди 16 поени за Тандерс кои по првите осум натпревари имаат по четири победи и порази.