НБА го менува форматот за избор на играчите за Ол Стар мечот

Челниците на американската кошаркарска лига НБА и Здружението на играчи (НБПА) објавија во вторникот нов формат за изборот на играчите за Ол Стар натпреварот кој ќе се игра следната година во Лос Анџелес и според кој ќе биде напуштен традиционалниот формат „Истокот против Западот“.

Според новиот формат, двајца капитени ќе избираат играчи за својот тим меѓу 24 понудени играчи за коишто гласале навивачите, медиумите и нивните соиграчи, независно од конференцијата во којашто играат. Капитените ќе бидат играчите коишто добиле најмногу гласови од навивачите во секоја од конференциите.

Досега на овој егзибиционен натпревар, кој се игра од 1951 година, 24-те играчи се избираа со комбинација од гласовите на навивачите, играчите и медиумите, но зависно од конференцијата во којашто настапуваа.

„Среќен сум поради тоа што играчите и лигата направија да се подобри Ол Стар натпреварот, што би беше приоритетот. Се радуваме на фактот што ова забавно шоу ќе го прикажеме во Лос Анџелес“, изјави претседателот на играчката асоцијација, Крис Пол.

Процесот на гласање и процесот на избор на тренерите остануваат непроменети. Покрај тоа, секоја екипа ќе избере хуманитарна организација на национално ниво или со седиште во Лос Анџелес за којашто ќе собира донации.

„Возбудени сме поради новиот Ол Стар формат и ја цениме волјата на нашите играчи да се обидат во нешто ново“, изјави претседателот на лигата, Бајрон Спруел.

Следниот Ол Стар натпревар, 67-от по ред, ќе се одигра на 18-ти февруари 2018 година во „Стејплес Центар“ во Лос Анџелес.