НБА Лига: Орландо ја прекина победничката низа на Бостон

Кошаркарите на Орландо Меџик, 13-от тим од Источната конференција на НБА лигата, пред своите гледачи синоќа ги совладаа водечките Бостон со 113:98 и со тоа ја прекинаа серијата од девет победи на Селтикси.

Минатогодишниот прв пик на драфтот Паоло Банкеро ги предводеше Меџик со 23 поени во нивната 18-та победа сезонава.

„Секогаш кога играш против поранешен шампион, против тим кој беше во финалето, таму каде што сакаш да бидеш, правиш се што можеш за да победиш. Тоа е мојот начин на размислување и пристапот на овој тим“, изјави Банкеро.

Вендел Картер Џуниор мечот го заврши со 21 поен и 11 скока, Кол Ентони ги предводеше играчите од клупата со 18 поени, а Германецот Франц Вагнер додаде 15 поени, седум скока и шест асистенции на победата на магичните. Џејсон Тејтум и Џејлен Браун постигнаа по 26 поени за Селтикс, кои дефанзивно не успеаја да се наметнат над домашните играчи кои беа шутерски расположени. Орландо го заврши дуелот со реализација од 51,2 отсто.

Со победата домашните го прославија враќањето на крилниот напаѓач Џонатан Ајзак, чии повреди ги одбележаа последните години од неговата кариера. Во својот прв настап по повеќе од две ипол години, Ајзак за десет минути игра постигна десет поени.

„Беше фантастично само да се излезе на теренот. Згора на тоа, победивме и ние, па не можев да бидам посреќен“, изјави Ајзак.

Единствената гостинска победа во седумте синоќешни натпревари на паркетите во НБА ја остварија Милвоки Бакс, кои во Детроит постигнаа дури 150 поени во убедливата победа (150:130) над Пистонс.

И овој дуел беше знак на враќање на играчи на терените. Јанис Адетокумбо пропушти пет натпревари поради болки во левото колено, а Крис Мидлтон не беше во составот на Бакс од 15-ти декември поради болки во десното колено.

„Друштвото е повторно заедно“, изјави по убедливата победа грчкиот кошаркар, кој мечот го заврши со 29 поени, од кои 20 постигна во првата четвртина.

„Убаво е да се биде повторно на теренот. Секако дека ми недостигаше. Ми недостигаа соиграчите, ми недостигаше кошарката”, додаде Адетокумбо, кој додаде 12 скокови и четири асистенции на својот учинок.

Мидлтон отсуствуваше од стартната постава, а за 15 минути успеа да постигне осум поени со четири асистенции.

Веќе во првата четвртина Бакс постигнаа 49 поени и создадоа 25 поени предност, па нивната победа повеќе не беше доведена во прашање, а со неа се пробија до третото место во Источната конференција, зад Бостон (35-13) и Филаделфија (30-16) од кои Милвоки има еден пораз повеќе.

Без Џа Морант во составот, Мемфис го доживеа третиот последователен пораз на гостувањето во Сакраменто. Домашните Кингс победија со 133:100 во најубедливата победа на вечерта. Шесте играчи со двоцифрен учинок ги предводеше Треј Лајлс со 24 поени. Харисон Барнс и Киган Мареј постигнаа по 20 поени, а Домантас Сабонис имаше „трипл-дабл“ учинок со 14 поени, 11 асистенции и 10 скока. Дезмонд Бејн беше најдобар стрелец кај Гризлис со 21 поен.

По три последователни пораза Портланд Трејлблејзерс победија, совладувајќи ги Сан Антонио Спарс со 147:127 пред своите гледачи. Трејлблејзерс ги предводеше Демијан Лилард со 37 поени и 12 асистенции, а го следеа Анферни Симонс со 26 и Јусуф Нуркиќ со 25 поени. Спарс имаа дури осум играчи со двоцифрен учинок, а најдобри меѓу нив беа Келдон Џонсон со 20 и Џереми Сочан со 18 поени.

На поразите крај им ставија и Хјустон Рокетс. Откако останаа без победа во последните 13 натпревари, тие во понеделникот ги совладаа Минесота Тимбервулфс со 119:114 во „Тојота Центар“. Џејлен Грин го предводеше домашниот тим со 42 поени во кариерата. Турскиот центар Алперен Сенгун мечот го заврши со 21 поен, седум скока и исто толку асистенции. Кај гостите Ентони Едвардс постигна 31, а Д’Анџело Расел 30 поени.

Чикаго Булс ги победија Атланта Хокс со 111:100 во Јунајтед Центарот за трета последователна победа. Демар Дерозан беше најдобар стрелец кај Булс со 26 поени, а Зек ЛаВин додаде 20. Голем придонес имаше Никола Вучевиќ со 14 поени, 17 скока и седум асистенции, а Патрик Вилијамс 18 поени и 10 скока. Треј Јанг ги предводеше Хокс со 21 поен и 13 асистенции, додека Дежунте Мареј постигна 20 поени.

Јута Џез ги победија Шарлот Хорнетс со 120:102 за 25-та победа сезонава. Финецот Лаури Марканен беше најдобар играч на натпреварот со 25 поени и 11 скока. Џордан Кларксон постигна 18 поени за победниците, а центарот Вокер Кеслер имаше 13 поени и девет скока. Кај гостите најдобар беше Тери Розиер со 23 поени.

Резултати од НБА, 23.1.

Детроит Пистонс – Милвоки Бакс 130:150
Орландо Меџик – Бостон Селтикс 113:98
Чикаго Булс – Атланта Хокс 111:100
Хјустон Рокетс – Минесота Тимбервулфс 119:114
Јута Џез – Шарлот Хорнетс 120:102
Портланд Трејл Блејзерс – Сан Антонио Спарс 147:127
Сакраменто Кингс – Мемфис Гризлис 133:100

ТАБЕЛИ

ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Атлантска дивизија
1. Бостон Селтикс 35 13.729 —
2. Филаделфија 76ерс 30 16 .652 4
3. Бруклин Нетс 29 17 .630 5
4. Њујорк Никс 25 23 .521 10
5. Торонто Репторс 21 27 .438 14

Централна дивизија
1. Милвоки Бакс 30 17.638 —
2. Кливленд Кавалирс 29 19 .604 1 1/2
3. Индијана Пејсерс 23 25 .479 7 1/2
4. Чикаго Булс 22 24 .478 7 1/2
5. Детроит Пистонс 12 37 .245 19

Југоисточна дивизија
1. Мајами Хит 26 22 ,542 —
2. Атланта Хокс 24 24 .500 2
3. Вашингтон Визардс 20 26 .435 5
4. Орландо Меџик 18 29 .383 7 1/2
5. Шарлот Хорнетс 13 35 .271 13

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Пацифичка дивизија
1. Сакраменто Кингс 27 19.587 —
2. Лос Анџелес Клиперс 25 24 .510 3 1/2
3. Феникс Санс 24 24 .500 4
4. Голден Стејт Вориорс 23 24 .489 4 1/2
5. Лос Анџелес Лејкерс 22 25 .468 5 1/2

Југозападна дивизија
1. Мемфис Гризлис 31 16 .660 —
2. Њу Орлеанс Пеликанс 26 21 .553 5
3. Далас Маверикс 25 23 .521 6 1/2
4. Сан Антонио Спарс 14 33 .298 17
5. Хјустон Рокетс 11 36 .234 20

Северозападна дивизија
1. Денвер Нагетс 33 14 .702 —
2. Јута Џез 25 25 .500 9 1/2
3. Минесота Тимбервулвс 24 25 .490 10
4. Оклахома Сити Тандер 23 24 .489 10
5. Портланд Трејл Блејзерс 22 25 .468 11