НБА: Сан Антонио фати залет, падна и Голден Стејт

Тие синоќа “врзаа” втора победа по ред на гостувањата, и повторно против еден од најдобрите тимови во лигата, тимот на Голден Стејт. “Мамузите” славеа со 100:113, а ден претходно на гости беше совладан и ЛА Клиперс.

Шампионот повторно беше предводен од Тони Паркер, кој уфрли 28 поени, надополнети со 7 асистенции, додека одлични беа и Каваи Ленард со 19 поени и 6 скокови како и Ману Џинобили со 17 поени и 7 асистенции.

Во тимот на Голден Стејт Клеј Томпсон постигна 29 поени, 5 скокови и 4 асистенции, а го следеше Харисон Барнс со 22 поени и 8 скокови. Сепак, без вообичаениот учинок на Стеф Кари, кој постигна за него скромни 16 поени, домаќините беа немоќни да му се спротивстават на шампионот.

Со оваа победа Сан Антонио има скор од 4 победи и 3 порази, додека Голден Стејт го забележа и вториот пораз, наспроти вкупно 5 победи кои ги има на своето конто.

Инаку синоќа имаше и два момента за одбележување – едниот позитивен, едниот негативен.

Дирк Новицки со своите 23 постигнати поени против Сакраменто, го помина Хаким Олајџувон и се проби на 9-то место на вечната листа на стрелци во НБА лигата, со вкупно 26.953 поени. Германецот воедно стана и најдобриот поентер во историјата на НБА лигата кој е роден надвор од границите на САД.

Коби Брајант пак, на мечот против Мемфис стана играч со најмногу промашувања во НБА историјата. Тој на овој меч го стигна Џон Хавличек, еден од најпознатите играчи во историјата на Бостон Селтикс, промашувајќи по 13.418-ти пат во својата кариера. Покрај многуте позитивни рекорди зад неговото име, сега “црната мамба” се закити и со вака неславен рекорд.

НБА резултати:

Портланд – Шарлот 102:100

Голден Стејт – Сан Антонио 100:113

Милвоки – Оклахома 85:78

Мемфис – ЛА Лејкерс 107:102

Далас – Сакраменто 106:98

Торонто – Орландо 104:100