NBC: Бајден ги загубил нервите во телефонски разговор со Зеленски

Американскиот претседател Џо Бајден ги загубил нервите во текот на телефонскиот разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски воден во јуни, поради неговата неблагодарност за воената помош испорачана од САД на Киев, објави во понеделникот американската телевизиска мрежа NBC News повикувајќи се на информирани извори.

Бајден и Зеленски одржуваат редовни телефонски контакти по почетокот на руската инвазија во Украина и издвојувањето на големата американска воена помош која се проценува на најмалку 16 милијарди долари од крајот на февруари годинава, но разговорот воден во јуни биле поинаков од претходните.

„Бајден само што заврши со кажувањето на Зеленски дека одобрил уште милијарди долари воена помош за Украина, кога Зеленски почна да ја набројува сета дополнителна помош којашто му е потребна но не ја добива. Бајден ги загуби нервите.. Американскиот народ е доста дарежлив, а неговата администрација и американската војска напорно работат да ѝ помогнат на Украина, рече тој (Бајден), кревајќи го гласот, а дека Зеленски би можел да покаже малку повеќе благодарност“, се наведува во прилогот.

Пред овој телефонски разговор воден на 15-ти јуни, незадоволството на Бајден од Зеленски со седмици се зголемувало, велат изворите на NBC. Според нив, американскиот претседател и многу од неговите помошници сметаат дека Вашингтон прави сѐ што е возможно и што е можно побрзо, но Зеленски во продолжение јавно истакнувал само на она што се прави.

Но истовремено, како што забележува телевизијата, од аспект на Зеленски, како и на бројни источноевропски челници, администрацијата на Бајден била „премногу бавна“ во исполнувањето на барањата на Киев за оружје.

„Откако Зеленски доби отпор во текот на телефонскиот разговор во јуни, неговиот тим одлучи да се обиде да ги намали тензиите заклучувајќи дека несогласувањата со американскиот претседател се непродуктивни“, додале изворите на телевизијата.

Истиот ден Зеленски јавно му се заблагодари на Бајден за ветената помош, потсетува NBC News. Изворите од Вашингтон изјавиле за телевизијата дека по тој разговор односите меѓу Бајден и Зеленски се подобриле.