НБРМ: Нова методологија за благајнички записи

Во изминатиот период, на аукциите беше забележана значително повисока побарувачка за благајнички записи во однос на реално расположливите ликвидни средства кај банките, поради нивната намера да го зголемат сопственото учество во вкупниот износ на благајнички записи. Согласно со поставениот механизам, доколку на ниво на вкупниот банкарски систем се утврди дека постои повисока побарувачка од потенцијалната, банките коишто аукцираат со повисоки износи од сопствениот ликвидносен потенцијал, ќе имаат обврска разликата во однос на потенцијалот да ја пласираат во депозити со рок на достасување од седум дена.
Со новините коишто ги носи новата одлука, се очекува усогласување на понудата и побарувачката за благајнички записи и соодветно насочување на вишокот ликвидни средства во банкарскиот систем во Македонија.
Во согласност со новините кај Одлуката за благајнички записи, направени се и дополнувања кај Одлуката за расположливи депозити со кои се овозможува пласирање средства во депозити со рок на достасување од седум дена во услови на повисока побарувачка за благајнички записи од потенцијалната.
На седницата беше донесе и одлука за известување за пондерираните каматни стапки на дадени кредити и на примени депозити со која целосно се усогласува статистиката на каматните стапки со регулативата за статистиката на каматните стапки на ЕЦБ (Регулатион ЕЦБ/2009/7). Известувањето за пондерираните каматни стапки се разликува од досегашното пред сѐ во однос на концептот и опфатот на податоците коишто се однесуваат на вкупните сметководствени состојби и новодоговорени активности.
Со новите барања, пакетот податоци за пондерираните каматни стапки се разделува на неколку извештајни целини, со што се овозможува нивно разграничување според секторската припадност, рочноста на финансиските инструменти, намената на кредитите на домаќинствата, висината на дадените кредити, валутата, типот на обезбедувањето и видот на финансискиот инструмент, при што за првпат се овозможува прибирање податоци за кредитните картички на нефинансиските институции и револвинг-кредити. За разлика од тековниот начин на известување каде што известувачи се само банките, со оваа одлука, обврска за известување имаат и штедилниците.
На денешната седница на Советот беше донесена и Одлуката за изменување на  Одлуката за задолжителната резерва. Заради натамошно користење на расположливите инструменти, како и со цел да се поттикне поактивно користење на предностите коишто ги овозможуваат донесените макропрудентни мерки, беше одлучено Народната банка да не плаќа надомест на задолжителната резерва.
На седницата беше донесена и Одлуката за условите и начинот под кои резидентите можат да склучуваат кредитни работи во девизи и да вршат плаќања врз основа на тие кредитни работи. Новата одлука е главно резултат на потребата од техничко усогласување со одредбите на Одлуката за управувањето со кредитниот ризик, којашто ќе почне да се применува од први декември оваа година и се насочува пред сѐ кон условите и начинот на склучување кредитни работи во девизи за плаќање во странство и во земјата, коишто се значајни за соодветно спроведување на девизниот режим пропишан со Законот за девизното работење и Упатството за начинот на вршење на платниот промет со странство.