Очекувања за раздвижување на македонската економија во наредната година имаат и домашните и меѓународните институции. Проекциите и на домашните и на меѓународните институции се меѓу 2,8 и 3,5 отсто, а главни двигатели на растот ќе бидат домашната побарувачка и извозот.
Најоптимистичка е проекцијата на Народната банка на Република Македонија од 3,5 проценти.
– Се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од четири отсто, вели гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска при објавување на ноемвриската прогноза.
Според НБРМ се очекува домашната побарувачка да биде главниот двигател на растот со исклучок на годинава кога најголем ефект ќе има нето-извозот. Во просек, смета НБРМ, на среден период се очекува дека извозната побарувачка и натаму ќе биде клучниот фактор на растот што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, очекуваниот влез на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка.
Предвидениот раст на економската активност според Владата која очекува тој да изнесува 3,2 проценти, се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места.
– Планот за економски раст создава економија со здрави цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството и целата наша земја и затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколку пати реков дека 2019 година ќе биде пресвртница на економски политики. Фискалната политика на Владата на РМ следната година ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување кон НАТО и ЕУ. Создаваме буџет што во 2019 годоина ќе ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација. Парите на граѓаните кои преку даноци влегуваат во буџетот уште повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Остануваме на нашата определба за поддршката за домашните и странските инвестиции со повисок буџет од 37 проценти во однос на оваа година, потенцира премиерот Зоран Заев.