Не направивме државна стратегија, одлуките се носат на дневна основа

Фејсбук статус на Драган Ковачки

Пред да продолжите да читате понатаму, само да Ви најавам дека Ве очекува малку подолго четиво. Доколку од Вашето време издвоите не повеќе од 10 минути, во текстот подолу ќе го изнесам моето видување на проблемот, на досега преземените мерки и моето мислење што би требало да се преземе во периодот кој е пред нас. Свесен сум дека може да бидам обвинет дека сега откако ги пропуштивме шансите сакам да поентирам, но дали е тоа така ќе оставам на вас сами да оцените.

Сите знаеме дека една мерка може да има ефект само доколку е навреме преземена и на соодветен начин. Се друго спротивно од ова е губење време, трошење ресурси и обид за манипулација дека нешто се прави. Значи, со должна почит кон сите стручни лица и тела што ги предлагале мерките, но и почит кон тие што ги носеле одлуките (бидејќи со сигурност знам дека не им било сеедно и лесно), ценам дека мерките што се преземаат се задоцнети за најмалку 3 недели. Како што реков претходно, бидејќи не се преземени на време значи дека се и несоодветни. Да не должам многу, ќе одиме со ред.

Најпрвин, не направивме државна стратегија за борба со вирусот, туку одлуките се носеа и се’ уште се носат на дневна основа. Во таа стратегија требаше да се прецизира која е целта и како сакаме да завршиме на крај, односно какви сакаме да излеземе како држава и општество после завршувањето на борбата со вирусот. Затоа, во отсуство на стратегија, се носат решенија кои се копираат од за жал неуспешните во борбата. Кога велам неуспешни, мислам на одредени европски држави кои имаат сериозни потфрлувања во борбата со вирусот, но најважно од се’, држави кои не успеаја да ги зачуваат животите на своите граѓани.

Во контекст на изнесеното, можеби војничката средина во која работам има влијание на моето размислување. Но сепак, тоа што низ искуството сум го научил е „подобро е да преземеш брзи, одлучни и строги мерки на почетокот и работата да ја фатиш на време, отколку после да трчаш, гаснеш пожари и санираш последици“. Ние сме токму во таа фаза, гаснеме пожари и санираме последици, а притоа не ни е завршена првата фаза – превенција.

I одлучувачки момент
Значи, веднаш по појавата на вирусот во околните држави, моравме комплетно да ги затвориме границите и цела нација да ја ставиме во карантин 14 дена. Ова требаше да го направиме од причина што имавме многу луѓе надвор и не знаевме кој е носител, а кој не е. Сите наши луѓе што доаѓаа од странство во тој период, веднаш требаше да се ставаат во државен карантин. Секако, државата и економијата ќе застанеа за тие 14 дена. Сите ќе бевме на принуден, но сепак платен одмор, а потоа ќе продолжевме со работа. Речиси ќе немаше штети по животите и здравјето на луѓето, а штетите по економијата ќе беа незначителни. Овде прв пат го испуштивме моментот да ја контролираме ситуацијата.

II одлучувачки момент
Откако го испуштивме тој момент, ни се појавија регистрирани лица носители на Ковид-19 во еден град. Што требаше да се направи? Ова е вториот момент кога требаше сите да заминеме во карантин на 14 дена и државата и економијата да застанат. Државата требаше веднаш да се затвори и да функционираат само 6 санитарно и здравствено контролирани точки на влез/излез. Во овој случај, штетите по животите и здравјето на граѓаните, како и по економијата, ќе беа незначителни. Да бидеме реални, овде секако требаше да бидеме подготвени дека ќе имаме неколку смртни случаи. Со ова, втор пат го испуштивме моментот за контрола над ситуацијата.

III одлучувачки момент
Доаѓаме до моментот кога веќе имавме по неколку заразени во повеќе населени места. Требаше веднаш да се прогласи кризна состојба на цела територија. Тие населени места веднаш да се изолираат и сите да заминеме во карантин на 14 дена. Морам да нагласам дека овие 14 дена ќе беа неизвесни. Поради претходно непреземените мерки, веќе сме 50:50 со вирусот, околу тоа кој ќе ја има контролата на ситуацијата во периодот што следи. Штетите по здравјето на луѓето и економијата ќе беа делумно ограничени и под контрола. Овде по трет пат го испуштивме моментот.

IV одлучувачки момент
И еве сме, денес. Ден денешен.
Вирусот веќе се прошири скоро низ цела Македонија. Во повеќе населени места имаме троцифрен број идентификувани носители. Имаме над 30 починати, а економијата е веќе пред колапс. Имаме мноштво отпуштени работници и семејства фрлени на работ на егзистенција. И повторно копираме, претходно веќе реков, од држави кои се неуспешни во оваа борба. Во паника воведовме за мене несфатливи рестрикции на движењето на граѓаните, кои очигледно само ќе го прошират вирусот. Погледнете само колку ново заразени лица има во Куманово од моментот на воведување “полициски час” и се ќе биде појасно. Значи мерките се со недели задоцнети и не се правилно имплементирани. Цената која веќе ја плативме е ненадоместлива, над 30 мртви. Бог да ги прости починатите и да им даде храброст и сила на нивните потомци да продолжат да се борат.

Е сега откако веќе потфрливме како држава, како понатаму? Во следниот пост што ќе го објавам во текот на денот, ќе ги изнесам моите видувања.