Не очекував ниеден од овие пратеници да оди спротивно од волјата на граѓаните

Не очекував ниту еден од овие пратеници дека ќе одат спротивно на волјата на граѓаните затоа што граѓаните врз основа на програмата на ВМРО-ДПМНЕ ги гласале. Но за жал тоа се случи и тоа ќе им тежи цел живот, тој срам и тој товар ќе си го носат, појасни во петокот вечерта потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на емисијата „Отворено“ на телевизијата Алфа

Николоски посочи дека сите осум пратеници го изненадиле затоа што се работи за пратеници кои беа избрани од листата на ВМРО-ДПМНЕ на програма која што ВМРО-ДПМНЕ ја понуди во минатите избори. Во која што програма јасно пишува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи со промена на името на државата и нема да се согласи решенија и договори кои што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, што за жал го имаме договорот.

„Во договорот во член 7 практично стануваме вештачка нација и говориме вештачки јазик на начин на којшто се дефинирани македонскиот народ и македонскиот јазик, за жал во тој член“, коментираше Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за иронијата на секојдневните телевизиски настапи на поранешните членови и фунцкионери на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на името или дадоа поддршка на истиот тој процес. Посочи дека од појавата на бомбите тие како што вели бегале од медиуми како ѓаволот од темјан сега не се симнуваат телевизија бранејќи ставови слични или идентични со оние на Заев и СДСМ.

„Интересно, деновиве гледаме дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кој што сега се исклучени од партијата буквално не се симнуваат од телевизија, а во еден изминат период не само ова дејствување на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ туку некаде од појавата на бомбите па натака, не можевме да ги извадиме на телевизија да ја одбранат партијата. И сега се поставува и тука логично прашање, како овие кои што бегаа од медиуми како ѓавол од темјан сега наеднаш добија желба да се појавуваат. И да е парадоксот за нив лично најголем, се појавуваат на медиумите кои што нив како личности и политичари ги уништија во јавноста. Се појавуваат на медиумите кои што ги нарекуваа со најпогрдни имиња, ги нарекуваа криминалци кои што велеа дека треба да одат во затвор, кој што велат дека носат чанти Прада, кои што велеа дека се министри за смрт. Значи на истите овие медиуми кои што им ги уништија кариерите сега се појавуваат со ставови кои што се блиски на овие ставови на СДСМ. Се поставува логично прашање зошто тие ставови не ги артикулирале во рамки на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога биле на највисоки позиции во рамки на партијата ВМРО-ДПМНЕ или ако наеднаш сега им се промениле ставовите и наеднаш сега не можат да се согласат со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, зошто не се пробаат на политичката сцена и да си формираат политичка партија, па да видат што мислат граѓаните за нив. А вака криејќи се зад ВМРО-ДПМНЕ всушност одработуваат за СДСМ, обидувајќи да внесат раздор во партијата, но тоа не им поминува и нема да им успее“, рече Николоски.

Во своето вечерашно гостување на ТВ Алфа се осврна и на повикот од страна на Вице Заев, братот на премеирот Зоран Заев, за негово извинување за изјавата дадена по завршување на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот.

„Мислам дека не ми е на ниво да се спуштам на ниво на Вице Заев. Прво човекот нема никаква функција во оваа држава, освен што не може да помине работа во државата без тој да учествува, злоупотребувајќи ја позицијата на брат му. Нивото коешто го има, како и сите овие скандали кои кружат околу него не ми дозволуваат да се спуштам на тоа ниво“, потенцираше Николоски во врска со извинувањето кое го бара од него Вице Заев.

Николоски во своето обраќање додаде дека дефиниција за една диктатура е кога ќе почне да им се заканува на политичките противници со Судот за јавно изречена мисла и збор, односно она што тој го рекол е само јавно изречена мисла и збор.

„Но, кога се заканувате со употреба на институциите коишто ви се под директна контрола во тој случај вие прво покажувате дека прво немате демократски капацитет и втора дека навистина вие ги конторлирате тие институции што е и вистинска дефиниција за диктатура. Па оттука се поставува прашањето кое судство ќе одлучува за неговата тужба за клевета? Судство коешто Зоран Заев го ослободуваат, а сите знаеме дека тој бара поткуп за него и брат му“, додаде Николоски.

„Јас таа вечер излегов не како Александар Николоски туку како потпретседател во име на одлуките кои што Централниот Комитет да нагласам едногласно ги донесе со поддршка на сите членови на Централниот Комитет и овластен од истиот таа вечер ја честитав новата коалиција помеѓу Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков која што за жал функционира во државата. И којашто ги урнисува темелите на државата“, појасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ на емисијата„Отворено“.

Николоски образложи дека на одредени структури од власта и блиски на власта ова не им одговара, затоа што во јавноста излезе вистината. Се виде кој на која страна е и што прави. Ние јасно и прецизно дефиниравме на состанокот на Централниот комитет што се случило. Дефиниравме кои пратеници гласале исто така кои од партијата ВМРО-ДПМНЕ за жал учествувал во целиот тој проект, односно кој од партијата ВМРО-ДПМНЕ учествувал во коалиција со СДСМ и со Заев во убедување но и притисок, уцени и закани врз пратениците со цел да стигнат до посакуваната бројка. И затоа стигна предлогот до општинскиот комитет за исклучување на господинот Мијалков како и предлогот до општинскиот комитет Карпош за исклучување на господинот Тодоров. Исто така имаше и две разрешувања. Така што по однос на исклучувањата јасна е причината зошто тоа се случи. Има една јасна спрега.

„Ние 27 години имаме еден исти систем на владеење во Република Македонија каде што луѓе доаѓаат на власт ја злоупотребуваат власта и после тоа прават пактови и договори со следната власт на штета на сопствената политичка партија, на каузата којашто ја застапуваат и на државата со цел да си го заштитат она што го стекнале додека ја злоупотребувале власта“3, потенцира Николоски.

Потпретседателот објасни дека ВМРО-ДПМНЕ реши да го прекине, на сето тоа мораше да се стави точка и како секогаш претходно ВМРО-ДПМНЕ го има тој силен механизам на внатрешно прочистување. ВМРО-ДПМНЕ повторно се прочисти, нешто што никогаш не било на пример карактеристика на СДСМ која што никогаш не собрала храброст не да ги исклучи туку барем да се извини за злоделата на Бранко Црвенковски или на Хари Костов или на една плејада транзициски политичари кои што ја уништија државата.

Николоски говореше и за обвинувањата од страна на СДСМ, дека ВМРО-ДПМНЕ е анти ЕУ и анти НАТО орентирана.

„Оријентацијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна. Посветеноста кон членство во ЕУ и НАТО е јасна и дури ми е дегутантно да одговарам на вакви прашања, да треба да се правдаме за работа за која што е факт. Тоа што ние не се согласуваме да се промени името на оваа држава не значи дека сме против ЕУ и НАТО, значи само дека сакаме гордо и достоинствено да влеземе таму“, истакна Николоски.

Ги спомена и посочи како што вели луѓето кои се спремни по секоја цена да ја остварат својата агенда, притоа напоменувајќи дека тоа не ги прави нив ниту поголеми европејци ниту про НАТО.

„Ако има луѓе коишто се спремни по секоја цена да го направат тоа, тоа не ги прави нив повеќе европејци, про НАТО. Напротив мислам дека тоа ги прави помалку, затоа што и оние кои што ги убедуваат дека е добро тоа да го направат, помалку ги почитуваат. Затоа што вие ако не се почитувате себе не можете да очекувате дека некој друг ќе ве почитува“, заклучи Николоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.