Не сакам да сум дел од европското семејство, ако сум бугаризиран со нарушено достоинство, јас сум Македонец и никако поинаку, порача Стојаноски

Единственото национално обележје кое што вие го почитувате е денарот затоа што се околу вас и вашите луѓе се врти околу пари, му порача Бојан Стојаноски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на Димитар Ковачевски кој избега од денешната собраниска седница на која се дискутира за францускиот предлог.

-Мојот став е следен, ултимативен, срам, пораз и капитулацијата. Со овој предлог ќе заглавиме во уцените на велико бугарскиот шовинизам, потенцираше тој за францускиот предлог.

Стојаноски објасни дека оваа преговарачка рамка значи асимилација и бугаризација, нагласувајќи дека Македонија нема, туку Албанија ќе започне преговори.

-Со оваа преговарачка рамка не го лажете народот дека обезбедувате европска иднина, туку обезбедувате бугаризација и асимилација. А зошто е тоа така? Затоа што членот 11 од записникот можете сите да го видите, вели дека нема преговори се додека не се отвори уставот за кој што од сега имате уцени покрај внесување на бугарите да се разместат и одредени други формулации во нормативниот дел од уставот. И нема Македонија да почне преговори, туку Албанија ќе започне преговори и треба да бидете чесни и да им кажете на граѓаните, додаде Стојаноски.

Понатаму членот 14 вели дека во тој дел од протоколот мора да има измени и да добиеме дозвола за историските и образовни норми, а тоа значи дека секогаш ќе бидеме заглавени додека не им удоволиме на овие од бугарската страна. Е тоа сега вие го ставате пред нас и не терате да го прифатиме, истакна тој.

Стојаноски истакна дека оваа преговарачка рамка која Ковачевски, Османи и Маричиќ ја прифатиле не значи заштита на националните и државни интереси.

-Со оваа рамка како што е предложена не се штитат интересите, туку за да станеме членка на ЕУ услов е да се бугаризираме. Е тоа е главниот услов во оваа преговарачка рамка, рече тој.

Стојаноски порача дека не сака да биде дел од европското семејство ако треба да биде асимилиран и да му биде нарушено достоинството.

-Не ми треба Европа ако бидам асимилиран, ако ми биде нарушено достоинството и ако влезам таму како асимилиран Бугарин, без ниту еден темел на моето општо постоење како дел или припадник на одреден народ или заедница. Не ми треба и јас не прифаќам да бидеме асимилирани, порача Стојаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.