Не се каам што го прифатив мандатот – опозицијата нема стратегија

Пратеничката од опозицијата која прва реши да го прифати мандатот и да влезе во Собранието после шест месеци не се каe за својата одлука. Најголема причина за да се одлучи на таков чекор била немањето на стратегија, што и како ќе прават пратениците надвор од Парламентот.

Роза Топузова Каревска во своето гостување во политичкиот магазин „Кворум“ на радиото „Слободна Македонија“, рече дека за жал нема контакти со колегите од опозицијата кои добија пратенички мандати, а се надвор од Парламентот, вклучително и со оние кои доаѓаат од нејзината партија ЛДП. Нема информации дали дел од нив би им се придидружиле на трите пратенички во опозициските редови, но посакува сите заедно да работат во институциите. „Политичката битка треба да се води во Парламентот“, децидна е Каревска.

Средбата, за да ја соопшти одлуката дека го прифаќа мандатот, била и последна средба со нејзиниот лидер Андреј Жерновски. Вели дека оттогаш, па до ден денеска нема никаков контакт со него.

Инаку пратениците добиваат и дипломатски пасоши, откако ќе им биде верфикуван мандатот. Каревска слушнала дека и нејзините колеги кои не доаѓаат на работа имаат привилегирана патна исправа. Дали е точна информацијата, вели одговор треба да дадат надлежните.