Не се менува старосната граница за пензија

Покачување на старосната граница за пензионирање нема да има, кажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа рече дека во моментов прават проценки и анализи во соработка со Светска банка за подобрување на состојбата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Пензиите во моментов се стабилни и безбедни, но ние не се интересираме само за сегашните пензионери, туку и за идните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ три пати ја зголеми дупката во Фондот и работиме на решавање на овој проблем. Детали сега не можам да откривам, бидејќи сe уште се работат анализите и проценките, но многу скоро ќе завршиме и ќе ја информираме јавноста што ќе преземеме“, рече Царовска.

Таа кажа дека подготвуваат целосно нов закон за социјална заштита, во кој основните промени ќе бидат да се обезбеди висока социјална парична помош и основа за развој на социјални услуги, бидејќи сега не постои систем за услуги. Јавната расправа по ова законско решение ќе биде во мај, а сите социјални работници од јуни до октомври ќе одат на обуки за да се стекнат со знаења за менаџирање на случај.

Во делот на заштита на децата и ранливите групи во тек е изградба на здравствено-социјален центар за аутизам со финансиска помош од американската амбасада, се градат два дневни центри во Куманово за деца со попреченост, при крај е изградбата на центарот за Даунов синдром во Скопје, а до крајот на годината треба да заврши и зградбата на центарот за церебрална парализа во Прилеп. Во тек е трансформацијата на институциите и извлекувањето на децата од институциите, и генералната заложба е да нема дете до 3- годишна возраст сместено во институција, бидејќи тоа негативно влијае на раниот детски развој“, кажа Царовска.