Не сме ни блиску до договор со Косово

Србија и Косово не се блиску до никаков договор, бидејќи на тоа се спротивставува меѓународната заедница, а особено најмоќната европска сила бидејќи сите слушнале што рече Ангела Меркел, како и што велат Албанците, рече српскиот премиер Александар Вучиќ на браната Газивода во Косово.

Среќен сум што сум тука, прекрасно се чувствувам. Овие објекти се изградени со парите на граѓаните на Србија, а ќе ги користат младите од овој крај, беше првата изјава на Вучиќ на почетокот на посетата во Зубин Поток. Тој ги посети Центарот за екологија, Центарот за развој на спортот и Црвениот крст на брегот на езерото Газиводе. Таа општина е првата точка на дводневната посета на Косово, според програмата во која е вклучено и езерото, а на која, под притисок на Западот, дури доцна синоќа се согласи Приштина.

Тој истакна дека изјавата на германската канцеларка за територијалниот интегритет не е нова, а на која се израдувале во централниот дел на Србија и неговите политички противници.

Ќе ни биде тешко да постигнеме договор и самите гледате дека најголемата сила е против него. Кога зборуваме за територијален интегритет, дали зборуваме за 2008 или 2018 година? Како тоа не може да биде во 2008 година, а може во 2018 година, рече Вучиќ.

Тој истакна дека ќе биде тешко да се постигне било каков договор и дека „ако тоа не го направи оваа генерација на политичари, или следната, ќе биде третата”.

Не сум сигурен дека сите во Приштина и во Белград се свесни колку е важно да се постигне договор. Има луѓе кои сметаат дека е најважно да ги стават своите глави во песок и да се прават дека ништо не се случило. Границите ќе станат многу помалку важни ако сме во Европа. Мораме да веруваме во иднината, рече претседателот на Србија.