Не смее да се дозволи во недела Македонците да одат во странство, а нашите молови да бидат затворени

Македонија не смее да си дозволи македонски граѓани да одат во Бугарија или во Србија и да трошат девизи, а нашите молови да бидат затворени, рече Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, одговарајќи на новинарско прашање дали за работодавачите е прифаливо ако работат во недела да издвојуваат од приходот што го остваруваат.

– Во старт тоа не беше исплатливо за нас, но врз основа на дискусиите и со синдикатите и со Владата ова беше постигнатиот компромис. Мој личен, но и став на ОРМ е дека тоа е добар компромис. На оној што инвестирал 20-30 милиони евра во нов мол да му се забрани да работи во недела не е во ред, ама во ред е тој што ќе работи во недела да добие двојна дневница и на државата да ѝ плати надомест за развој на инфраструктура, детски градинки… Ова е компромис кој во моментов на развој на државата е добар. Може кога ќе имаме стандард девет-десет илјади долари по жител и тие нема да работат во недела – рече Димитров кој го оцени како добар компромисот меѓу Владата и работодавачите недела да биде неработен ден.

Тој појасни дека работата на моловите и другите тровски субјекти се регулира со Законот за трговија, што е под надлежност на Министерството за економија. Во Законот за работни односи пак, се наведени сите дејности кои поради технолошкиот карактер на компанијата, или пак витални дејности како полиција, војска, здравство… мора да работат во недела. За тие вработени ќе има 50 отсто поголема дневница и ќе користат слободен ден во текот на наредната недела.

Тој ја поддржува одлуката јавната администрација да добие к-15.