Не треба да има технички премиер од ДУИ, подготвен сум да се избрише постоење на техничка влада, вели Мицкоски

Ако ме прашувате мене како политичар и како човек кој ја води најголемата политичка партија во Македонија ВМРО-ДПМНЕ, не гледам потреба повеќе од техничка влада, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Претседателот Мицкоски рече дека за него понижувачки е ДУИ која е во епицентарот на криминални и коруптивни скандали да номинира премиер, како и дека земја која пледира да биде членка на Европската унија мора да покаже одговорност и зрелост.

Прво за мене е понижувачки како граѓанин и како политичар партијата која што во последно време е во центар на скандалите а тоа е ДУИ да номинира премиер. Не гледам каков квалитет тој премиер може да донесе и каква додадена вредност. Второ ценам дека земја која што пледира да биде дел од ЕУ мора да покаже и малку одговорност и зрелост. Ние треба да покажеме дека сме зрели, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски истакна дека треба со партиите од власта и останатите парламентарни партии да седнат и да се договорат за бришење на техничката влада, и не само на овие избори туку и на сите следни избори, укажувајќи дека во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот.

Можеби делува чудно како сега како тоа јас од позиција на опозиција во очи на избори го говорам. Но, верувајте јас ова го говорам најискрено и ценам дека треба заедно со политичките партии од власта и со останатите парламентарни партии да интервенираме во Изборниот законик и да го избришеме оној дел од техничката влада, и практично од овој момент па натаму да имаме влада со политички легитимитет. Не само на овие избори, туку и на сите наредни избори и тоа е влада која што ќе може со политички легитимитет да ги води процесите, бидејќи ќе повторам во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот. А од друга страна понижувачки за мене е да гледам како партија во парламентот која што е очигледно во последно време во епицентарот на многу криминални и коруптивни скандали да номинира прв човек на таа позиција, нагласи Мицкоски.

На прашањето дали тој е подготвен да со измените на Изборниот законик кои ќе следат да прифати и промени на Законот за влада, Мицкоски рече:

Да, подготвени сме.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.