„НЕ за штедење од здравјето на луѓето“-граѓански протест за кратење на буџетски пари за ХИВ болни

Под слоганот „НЕ за штедење од здравјето на луѓето“, денеска се одржа граѓански протест на иницијатива од 14 здруженија членки на Платформата за ХИВ, Здружението ЕСЕ и Иницијативата на жени од Шуто Оризари, поради незадоволство од односот на Владата кон здравството.

„Министерството за здравство го скрати буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 отсто, со што директно го загрозува здравјето на луѓето и може да ја разгори епидемијата со ХИВ. Ова значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од здравствениот и социјалниот систем, пораст на епидемијата на ХИВ, губење човечки животи, но и повеќекратно зголемени трошоци за лекување во следните 5 до 10 години. Поради кратењето веќе се стави клуч на врата на дел од центрите што нудат услуги за маргинализирани и обесправени лица и неповратно ќе се изгубат веќе изградени капацитети, со што се фрлаат во вода досегашните домашни и странски инвестиции, кои ја држеа ХИВ-епидемијата под контрола“ – истакна Хајди Штерјова Симоновиќ од Платформата за ХИВ.
Борјан Павловски од здружението ЕСЕ нагласи дека во планирањето и буџетирањето во здравството ниту една група од населението не смее да биде дискриминирана и не смее да има кратење.

„Во 2019 година буџетот за превентивна здравствена заштита изнесува само 9 отсто од целиот буџет на МЗ. Во периодот од 2012 до 2019 година министерството дополнително го крати буџетот за превентивна здравствена заштита за околу 10 отсто. За илустрација, поради тоа што државата со години не инвестира доволно средства во програмата за скрининг на рак на грлото на матката, секоја година 40 жени умираат од овој карцином“, рече Павловски.

Алмира Фасљии Муарем од Иницијативата на жени од Шуто Оризари укажа дека се скратени средствата за бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во текот на бременоста, бесплатното породување за лица без документи за лична идентификација, средствата за фолна киселина за правилно развивање на плодот кај бремените жени, едукативни посети од патронажните сестри во ромски и рурални средини за детско здравје – кратења што најмногу ќе ги погодат најсиромашните жени и Ромките.

На протестот беше побарано, да запрат кратењата во здравството и државата да ги третира сите пациенти и корисници на здравствени услуги подеднакво без да крати од едни за сметка на други, да обезбеди средства за превенција и современа терапија која ќе биде според потребите на граѓаните, а здравствените политики да ги води врз основа на докази. Владата и МЗ да изнајдат итно и неодложно решение за скратениот буџет за превенција за ХИВ, целосно да се спроведат препораките од одлуката на Комитетот за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените при ООН со која се утврди дискриминација при пристапот на сексуални и репродуктивни права на Ромки и да осигури соодветно буџетирање и пристап за здравствени услуги за Ромките.