„Недела на излози“: Скопје се претвора во отворена галерија

Фрактално чоколадо, стихови од македонскиот бенд „Бернајс пропаганда“, часовници закачени на пирамиди и подвижни полици се само мал дел од декорот во излозите на шест продавници на улица Македонија и на Театарот за деца и младинци, кои ги разубавија 25 млади дизајнери и архитекти. Станува збор за првото издание на фестивалот „Недела на излозите“, кој од синоќа до 17 декември се одржува во строгиот центар на Скопје.

Основачи на фестивалот се модниот истражувач Кристина Глигоровска, архитектката Искра Јанковска-Михајловска и модната креаторка и професорка Лидија Георгиева, а е поддржан од Амбасадата на Швајцарија.

Преуредени се излозите на книжарницата „Култура“, часовничарот „Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линд“, и пасажот до книжарницата „Литература.мк.

„Има едно правило кое вели дека излозите изгледаат најубаво во дождлива вечер. Огромна е радоста од реализацијата на проектот кој на почетокот изгледаше како недофатна идеја, буквално напишана на еден лист хартија во еден скопски бар. Прашањето кое нѐ мачеше беше како да ги споиме модните дизајнери и архитекти  и од нивната соработка да произлезат уметнички дела. Она што прво ни падна на ум се излозите кои се всушност една отворена галерија на еден модерен град. Среќни сме што успеавме да ги донесеме светските трендови во оваа област. Сметаме дека излозите се репер за естетската култура која постои во градот. Среќни сме дека ја подигнавме свеста дека излозите практично се уметност“, рече Глигоровска на отворање.

Амбасадорката Сибил Зутер Техада рече дека Швајацарија уште од 2017 ги поддржува локалните уметници и културата, и дека нивна цел е да се создаде позитивна клима за развој на силен и независен културен сектор и да поттикнат професионализам, креативност и слобода на уметничко изразување.

„Иновативниот проект ‘Недела на излозите‘ им овозоможи на учесниците да стекнат непроцеливо уметничко знаење и искуство пренесено од реномирани ментори во секоја област“, додаде амбасадорката.

 

Партнери на првото издание на фестивалот покрај двата факултета се и Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ во Скопје и „МладиХаб“, односно Канцеларијата на Претседателот (кај Рекорд). „МладиХаб“  ќе служи како информативна точка за време на фестивалот.

 

Извор: СДК