Недела неработен ден пред Уставниот суд

Уставните судии на денешната седница ќе дискутираат по однос на четири иницијативи поднесени од правни и физички лица. Меѓу денешните инцијативи кои треба да бидат разгледани е и иницијативата за законската одредба за недела неработен ден поднесена од Стопанската комора на Северна Македонија.

Преку оваа иницијатива се оспоруваат последните измени на Законот за работните односи, во однос на недела неработен ден во државата.

– Подносителот смета дека оспорениот закон кој се однесува на уредување на работата во недела е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување на забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти, ниту на работниците и директно задирало во темелните вредности на уставниот поредок на државата, велат од Уставен суд.

Според подносителот, со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела – неметалните минерални производи, имале еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата, кои се утврдени со закон, но биле ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.

Освен оваа точка, Уставниот суд денеска ќе дискутира и за иницијативата поднесена од Здружението на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци и за Правилниот за облиците на континуирано стручно усовршување.

Другите две иницијативи за кои уставните судии денеска треба да се произнесат се за носењето на лична заштита заради спречување на ширењето на КОВИД -19 и за еден обвинителен акт поднесен од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.