Неделков: Самите училишта да одредат каква настава ќе спроведуваат

Претседателот на СОНК, синдикатот кој ги застапува просветните работници и вработените во училиштата, Јаким Неделков, во денешното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека секој училишен одбор треба сам да одреди како ќе ја спроведува наставата во новата учебна година, бидејќи ситуацијата на епидемија создава различни критериуми на локално ново.

„Нас ни е јасно и на јавноста и е јасно дека условите за работа не се подеднакво исти во сите училишта на национално ниво, па според тоа, според мене, не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите. Различни се по многу основи. Прво по број на заразени во средината, имаме стандарди на колку жители максимум колку заразени би било нормално, ако може така да се каже нормално. Понатака имаме број на ученици во училиште, број на ученици по паралелки. Имаме училишта со соодветни услови за изведување на ваква или онаква настава, училишта кои се несоодветни, па имаме и локална средина, односно родители и ученици немаат технички можности да следат конкретно онлајн настава итн. Значи сето тоа е индивидуално и по нас како Синдикат би било најсоодветно да се прифати она решение кое најмногу ќе одговара на локално ниво, односно она училиште, пред се училишниот одбор ќе се одлучи за кое училиште како да работи“, смета Неделков.

Најавува дека од утре ќе почнат активните обуки во училиштата за примена на онлајн настава.

– Ми се чини дека неизбежна ќе биде онлајн наставата или можеби комбинирана настава кадешто дел од училишта ќе работат онлајн, дел со физичко присуство на ученици и вработени, односно наставници, меѓутоа и во само едно исто училиште да биде наставата комбинирана, дел од родители ќе се изјаснат дека сакаат да ги пуштат нивните деца физички да присуствуваат во училиштата, можеби други родители ќе се изјаснат за онлајн настава, така што наставниците во секој случај ќе мора да бидат подготвени и за онлајн настава, велипрвиот човек на СОНК во интервјуто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.