Недемократски и неевропски е да се поткупуваат пратеници, нели?

СДСМ, како „голема, широкограда и отворена партија“, ќе разговара за коалицирање со сите партии, освен со „структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт“, изјави Зоран Заев за хрватскиот неделник „Национал“.

Што сака да каже Заев? На кои „структури“ мисли тој?, ова во својата најнова колумна го пишува новинарот Бранко Героски.

Едната „структура“ јасно ја посочува и во самото интервју. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, партија за која Заев вели дека „демонстрира политики кои се спротивни од севкупниот демократски амбиент и од демократскиот правец кон кој неповратно се движи државата“. Другата или другите „структури“ кои не се по волја на СДСМ не се наведени. Но, може да се претпостави дека Заев би сакал и интегративците на Али Ахмети да ги спротивстави на неговиот „демократски и европски концепт“, за да го оствари предизборното ветување дека ДУИ ќе замине во опозиција. Се разбира, ако не успее во својата намера, човекот ќе стави рака на срце, ќе каже нешто во стилот „извини душо, извини, за моју љубав не брини“ и потоа и на Ахмети ќе му се најде место во „концептот“ на големиот европеец и демократ.

Тоа е Заев, тој филм сме го гледале повеќе пати во изминативе години…

Како и да е, СДСМ, во коалиција со Беса, освои најмногу пратенички мандати на изборите и нема ништо поприродно од тоа мандатот за состав на новата влада да го добие Заев. Лидерот на СДСМ има право да ги употреби сите легитимни средства за да ја оствари посакуваната цел, да се врати во премиерскиот кабинет. Тоа е смислата на оваа политичка игра. Изборите не се избор на мис или мистер Македонија, тие се начин граѓаните легално и легитимно да ја предадат власта од своите во рацете на еден човек или на една „структура“, што би рекол Заев.

Да повторам, сите легални и легитимни средства за освојување на власта се оправдани. Но, на човекот чија уста е полна демократија и европски вредности, овој пат не би требало да му се прости ако во битката за составување на парламентарно мнозинство бидат употребени и нелегитимни средства, како што се притисоците и поткупот на пратеници од противничкиот табор. Сосема друго е прашањето за политичката цена што Заев и СДСМ се спремни да ја платат за да се вратат на власт. За тоа ќе коментираме тогаш кога ќе се обелодени пазарот. Во меѓувреме, на оваа тема нека размислуваат раководството и видните членови на оваа партија. Тие се на потег.

Неколку пати на Заев му беше простено за Макијавелистичката употреба на нелегитимни методи за остварување политички цели. Највпечатлив пример за тоа е усвојувањето и легализирањето на Преспанскиот договор, што се случи со пресудната поддршка на осум сомнително „мотивирани“ опозициски пратеници. Валканата операција за придобивање на овие осум гласа „за“ беше премолчана, поради објективното постоење на т.н. повисока цел. Сите на кои ни беше најважно да се прескокне најголената пречка на патот кон Европа, тогаш ги спуштивме главите и ја проголтавме кнедлата.

Сега, наспроти упорните обиди на Заев неговиот посакуван втор премиерски мандат да го прикаже како прашање на демократијата и на европската иднина на земјата, треба јасно да му се каже дека таква „повисока цел“ во овој момент не постои. Имено, не постои легитимна причина да се оправда евентуалниот обид новото парламентарно мнозинство да се формира со нови валкани игри, со поткуп на опозициски пратеници и со притисоци врз нив. А во кулоарите се зборува дека опозициски пратеници веќе добиле примамливи понуди да ја сменат страната и дека Заев се надева преговорите да ги почне со четири нови пратеници во неговиот табор, значи со вкупно 50 пратенички потписи.

Јас сепак се надевам дека шпекулациите за можен поткуп на пратеници се само шпекулации и дека СДСМ не сака да дојде на власт со такво криминално, коруптивно, недемократско и неевропско поведение. Власта освоена на таков начин нема да биде легитимна и бездруго нема да биде стабилна, што е спротивно и на основната идеја поради која се организираа предвремените парламентарни избори.