По избивањето на епидемијата на новиот коронавирус, граѓаните почнаа масовно да купуваат заштитни маски, па набрзо во голем број држави ги снема од полиците во аптеките. Онаму каде ги има, често се продаваат повеќекратно поскапи од пред епидемијата.
Најголемиот дел од европските држави не произведуваат заштитни маски, туку ги увезуваат од Кина. Но по избивањето на епидемијата Кина веќе не ги извезува. Всушност, околу 50 отсто од светското производство на медицински маски е токму во Кина, која уште на почетокот на заразата почна да купува маски на светскиот пазар. Поради тоа, останатите произведувачи престанаа да извезуваат, создавајќи залихи за своите домашни пазари.
Онаму каде ги има, често се повеќекратно поскапи од што беа пред избувнувањето на епидемијата на Ковид-19.
Италија бележи најголем скок во бројот на заболени во Европа, со повеќе од 260 заразени и седум смртни случаи. Голем број аптеки соопштија дека веќе немаат заштитни маски и гелови за суво миење на рацете, па граѓаните се обидоа да ги порачаат преку Интернет. Но таму цените се многу големи.
– Цената на маските се зголеми од еден евроцент на 10 евра, а литар средство за дезинфекција од седум евра минатата недела на вчерашните 39 евра, изјави заменичката на миланскиот државен обвинител Тицијана Сицилијано.
– Одлучивме да покренеме истрага по медиумските известувања за лудо високите цени по кои тие производи се продаваат на Интернет во последните два дена, информираше Сицилијано.
Италијанската полиција предупреди и на криминалци кои се претставуваат како здравствени инспектори, користејќи лажни документи за да влезат во домовите на граѓаните за да украдат пари или други скапоцености.
Откако беше потврден првиот случај на новиот коронавирус во Хрватска, граѓаните во паника ги „опустошија“ аптеките, додека во болниците засега нема проблеми со медицинската опрема. – Аптеките добија понуда од некои доставувачи за маски по повеќекратно повисоки цени од вообичаено, потврди претседателката на Лекарската комора на Хрватска Ана Солдо.
Хрватите, исто така, во паника создаваат и залихи од производи, како што се ориз, брашно, конзервирана храна, тестенини, средства за дезинфекција, тоалетна хартија и слични производи. Во Италија, пак, купувачите мораа да чекаат во редови, додека трговците се обидуваат да организираат групи од по 40 луѓе кои ги пуштаат во продавниците за да купат производи.
Сепак, здравствените власти смируваат и велат дека заштитни маски треба да носат заразените за да не го шират вирусот, додека најделотворна заштита е правилно миење на рацете и избегнување на заболени лица.
Но, на пазарот во меѓувреме се појавија и брендирани маски. Креаторите на висока мода на пазарот лансираа заштитни маски со логото на нивните модни куќи, а меѓу нив се Фенди, Гучи и Версаче, па така кафено-црната свилена маска на Фенди се продава по цена од 260 евра.
Но без разлика на цената, здравствените агенции како Институтот Роберт Кох во германија истакнуваат дека нема доволно докази за тоа дека маските ќе ги заштитат здравите луѓе од инфекцијата. Здравствените власти ширум светот постојано потенцираат дека е непотребно здрави луѓе да се движат со хируршка маска во јавност во обид да се заштитат од вирусот кој се пренесува преку воздух. Уште повеќе поради тоа што со маската луѓето може да стекнат лажно чувство на безбедност и да ги занемарат далеку поважните мерки за хигиена како што е редовно миење на рацете. Слична информација веќе објави и Светската здравствена организација. Дел од максите кои се продаваат во аптека содржат и предупредување дека „носењето хируршка маска нуди ограничена заштита од инфекција и дека маската официјално не се препорачува на здрави луѓе“. Лекарите потенцираат дека маската е така дизајнирана за да помогне да се спречи на зараено лице да ја шири болеста. Експетите посочуваат дека користењето хируршки маски во болниците многу се разликува од употребата на тој артикл во секојдневниот живор, бидејќи болничкиот персонал е во допир со заболени и можни заразени и поради тоа се изложени на голем ризик.
Лекарот Клеменс Вендтер од клиниката во Минхен потенцира дека маските се наменети за медицинскиот персонал.
– Јасни се индикациите дека долготрајно носење на маските е бесмислено, вели Вендтер. Доколку маската се навлажни, таа ја губи заштитата во рок од 20 минути, што значи за ефективна заштита мора многу редовно да се менува. Потоа, исклучително важно е маската тесно да се прилепи за лицето.
Единствено, т.н. маски ФФП3 нудат дополнителна заштита од инфекција за здрави лица, тврдат експертите. Но дури и таквите маски мора правилно да се носат и често да се менуваат. Исто така, дури и специјалните маски не се соодветни за долга употреба во секојдневниот живот бидејќи можат да го отежнат дишењето. (МИА)