Недостигаат инвестиции во иновации, истражување и развој

Во Македонија се зголемуваат иновативните активности кај малите и средните претпријатија и тие се во европскиот просек, но заостануваме во делот на инвестициите во иновации, истражување и развој.

Ова денеска го изјави Андријана Богдановска од Центарот за управување со знаење од Македонија по отворањето на меѓународната конференција InnoDays- Иновации, контекст, соработка и капацитети во Балканско Медитеранската Област.

Проектот е финансиран од Европската унија преку Интерег програмата, a e насочен кон подобрување на иновативните капацитети на малите и средните претпријатија. Проектот трае 24 месеци, почна во август 2017 година и ќе трае до август 2019 година и се имплементира во пет земји: Македонија, Кипар, Грција, Албанија и Бугарија.

„Целото наше истражување заврши со пет бета алатки: Ино финансии, Ино партнер, Ино стратегија, Ино модел и Ино проект кои специфично ги адресираат овие проблематични области на делување во однос на иноватовните активности кај самите мали и средни претпријатија и овозможуваат тие да се надминат за да имаат успешна имплементација на иновациите внатре во организациите“, рече Богдановска.

Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ изјави дека во 2017 година за шест пати се зголемени буџетските средства за поддршка на иновативност и на индустриското производство.

„Седумдесет и пет отсто од корисниците на овие мерки се токму малите и средните претпријатија, кои дадоа сериозен придонес во економскиот раст, во пораст на индустриското производство кое е за шест отсто повисоко годинава од минатата година, но, и до пораст на извозот за околу 13 до 14 осто, што покажува дека овие мерки сигурно даваат одреден резултат“, рече Шапуриќ.

Носител на проектот InnoPlatform е Центарот за Управување со знаење.

Повеќе информации на: http://www.innoplatform.eu

Проектот е финансиран преку првиот повик на програмата на Европската Унија Interreg BalkanMed Programme 2014-2020.