Неизвесен изборот на Богов, Иванов не ги консултирал пратениците

Премиерот Зоран Заев, од позиција на лидер на СДСМ е изненаден кога слушнал дека претседателот Ѓорге Иванов доставил предлог до парламентот за реизборот на Димитар Богов за гувернер на НБРМ, пренесува „Независен“ . Заев рече дека имал една средба со Иванов за други прашања, на која меѓу другото станало збор и за пополнувањето на гувернерското место.

Јас ги кажав своите ставови. Очекував уште една средба за тоа прашање бидејќи јас сум претседател на партијата која го предводи парламентарното мнозинство. Ако не со мене. Очекував барем да се консултира со координаторите на пратеничките групи. Но во понеделникот слушнав дека Иванов го подготвил предлогот, изјави Заев.

Тој најави за денеска координација со парламентарното мнозинство од што треба да произлезе конечен став што ќе ѝ биде соопштен на јавноста.

Ред е да ги слушнеме и размислувањата на пратениците кои треба да решаваат за изборот на гувернер. За мене е најважно да се овозможи независност на НБРМ и стабилен курс, изјави Заев.

Номинацијата на Богов е неприфатлива за ДУИ, од чија пратеничка група не веруваат дека актуелниот гувернер ќе биде реизбран на функцијата.

Тешко дека Богов ќе биде повторно избран за гувернер. Предлогот на Иванов е уште една негова избрзана, некоординирана и еднострана одлука, која ја прави кохабитацијата многу тешка, вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби.

Груби посочува дека пред да го даде предлогот Иванов требало да се консултира со парламентарните партии, вклучително со партиите од мнозинството.

ДУИ го пикираше гувернерското место за поранешниот министер во повеќе ресори Фатмир Бесими, за што начелно, како што се зборуваше, имало и одредена согласност од СДСМ. Освен тоа, ДУИ и во 2011 година, кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, беше против Богов да биде избран за гувернер, затоа што Иванов не ги консултирал за својот предлог другите парламентарни партии. Тогаш, ДУИ ја напушти седницата на која се гласаше за Богов, кој беше избран само со гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група броеше тогаш 62 члена.

Од ВМРО-ДПМНЕ се очекува поддршка за предлогот ан Иванов. Меѓутоа околу 45 пратенички гласови, колку што контролира моментно најголемата опозициска партија, не се доволно за Богов да добие уште еден мандат бидејќи се потребни вкупно 61 глас.

Богов ги троши последните дваесетина дена од својот прв мандат, по изборот на 23 мај 2011 година. Доколку во наредните денови предлогот на Иванов не биде ставен на дневен ред на собраниска седница и доколку Богов не биде реизбран на функцијата, НБРМ, веројатно, ќе биде без гувернер одредено време. Во таков случај, ако во меѓувреме Иванов не достави нов предлог – што би бил прифатлив за парламентарното мнозинство, гувернерската функција би останала празна до изборот на нов претседател на државата, кој би ја презел функцијата околу 10 мај 2019 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.