Неизвесно продолжувањето на работата на Македонско-бугарската комисија

Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров

Претседавачот на бугарскиот тим од Мешовитата македонско-бугарска експертска  комисија за историски прашања, поранешниот амбасадор во Македонија, Ангел Димитров, изјави во вторникот дека е неизвесно продолжувањето на работата на комисијата којашто, според него, била еднострано прекината од македонска страна.

Еднострано беше прекината работата на комисијата со образложение дека треба да се одржат предвремени избори за четири месеци. Тие практично одбиваат да се среќаваме и да разговараме. Останува отворено прашањето дали во мај ќе продолжи работата на комисијата, изјави Димитров за бугарската телевизија БНТ.

Вели дека образложението е изненадувачко, бидејќи македонската страна досега тврдела дека работи без политички притисок.

Сега се покажува дека работата на комисијата е внатрешен политички проблем за нашиот сосед, изјави Димитров.

Прашан за оспорувањето на македонскиот јазик Димитров одговори дека комисијата не се занимава со јазични прашања.

Не треба да се заглавуваме во такво конкретно прашање, зашто предизвикува непотребна тензија меѓу двете држави и треба да се запрашаме кои се причините за тоа, вели Димитров.

Сепак, според него, вистината била дека во текот на ’44 и ’45 година од минатиот век биле формирани две комисии со цел врз основа на два-три локални говора да создадат нова јазична конструкција.

Измислија нов писмен систем кој користи многу српски букви. Целта на комисиите беше да се разграничи тој јазик од литературниот бугарски јазик. Така се создаде она што денес се нарекува македонски јазик, рече  Димитров.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1-ви август 2017 година.

Комисијата досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.

Во октомври минатата година, во координација со државниот врв, бугарскиот Парламент усвои резолуција во која беа наведени серија услови за С.Македонија на патот кон ЕУ, вклучително и брз напредок за отворените прашања со кои се занимава заедничката комисија.