Неколку странци меѓу уапсените демонстранти во Белград

Во текот на протестите во петокот вечерта во Белград повредени се 14 полицајци и 19 демонстранти, а уапсен е 71 демонстрант, меѓу кои има државјани на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Велика Британија и Тунис, соопшти во саботата директорот на српската полиција Владимир Ребиќ.

„Влегле во Србија која им пружи гостопримство, но тие дошле да уриваат и да ја напаѓаат полицијата“, изјави Ребиќ и најави дека против уапсените следните денови ќе биде поведена правосудна постапка.

Укажа дека на синоќешниот протест имало судири и меѓу самите демонстранти кои меѓусебно се пресметувале, а последица од тоа е едно повредено лица во напад со нож.

Директорот на српската полиција соопши дека во текот на четирите вечери протести повредени се десетици полицајци, на еден му биле скршени двете нозе, а дека уште 130 морале да побараат лекарска помош.

Во тек се, како што истакна Ребиќ, оперативни активности, прегледи на снимките од надзорните камери и снимки од протестите за да бидат идентификувани и напаѓачите врз новинарите, форотепортерите и снимателите меѓу кои најмалку тројца се потешко повредени во нападите на демонстрантите врз полицијата, и покрај тоа што се идентификувале со прес-картички.

Итната служба згрижила 19 повредени, од кои осум се упатени во Воено-медицинската академија (ВМА), а 11 во Ургентниот центар. Се претпоставува дека полесно повредени имало неколку десетици, но не им била потребна лекарска помош.

Протестите во петокот вечерта, четврти ден по ред, започнаа мирно а немирите започнаа окоу 21 часот со обидот на стотина агресивни демонстранти да влезат во зградата на Скупштината на Србија, по што интервенираше полицијата. Следеше кусо затишје, а потоа нападите врз полицијата продолжија, а засиленото полициско ангажирање со жандармеријата и полициските возила „хамер“ во растерувањето на демонстрантите траеше до малку по полноќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ порача во петокот ноќта од Париз, коментирајќи ги протестите во Белград и уште неколку градови во Србија, дека насилниците нема да победат, и дека повеќето ќе бидат уапсени. Порача дека српските граѓани не треба да бидат загрижени поради протестите, истакнувајќи дека Србија ќе покаже дека е демократска држава, апелирајќи поради коронавирусот да не се излегува на протестите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.