Некому мајка, некому маштеа – меѓу солидарноста и егоизмот (прв дел)

страшо ангеловски

Живееме во време невреме, време на дури надреална здравствена криза, како вовед во можеби најголемата светска економска криза што човештвото воопшто некогаш ја живеело. Живееме во време кое како морска далга на површина исфрла се‘ – убавините и нечистотиите, љубовта и омразата, доблеста и срамот, вистината и лагата, пријателството и непријателството, честа и лицемерието, искреноста и дволичноста, солидарноста и егоизмот…

Сведочиме на случувања од кои генерациите по нас ќе се срамат. Овде, во државава, во односите меѓу власта и сите останати, во односите меѓу семоќните и немоќните, во односите на арогантните и оние што молат за помош, што молат за лек, за храна, за хуманост. Но, и во односите меѓу државите, во односите меѓу големите и малите, во односите меѓу веќе осојузените во НАТО и ЕУ и оние кои тоа го посакуваат, во односите меѓу привилегираните заради веќе стекнатиот статус и оние кои статусот (читај: датумот) го чекаат со децении. (Ова, за односите меѓу државите, ќе биде тема на наредниот текст, бидејќи заслужува поголемо внимание, т. е. – втор дел).

Овде, во државава, сведочиме на активности на Влада, формирана како техничка, формирана со најмал степен на ингеренции, формирана единствено да организира фер и демократски избори. И, ништо повеќе. Влада, која наместо тоа, заради сплет на околности, или можеби заради намерното прогласување вонредна наместо кризна состојба, се претвори во Влада со највисоки ингеренции. Но, ќе потенцирам, ингеренции овозможени само заради едно – заради справување со здравствената и превенирање на економската криза што допрва доаѓа. За жал, токму таа Влада, наместо во служба на граѓаните, нивното здравје и што полесен излез од кризата, по којзнае кој пат, се става во служба на партијата, на извршителите на партиските монструозни конструкции и на желбите и скриените страсти на неколкумина фрустрирани ликови од врвот на СДСМ.

Па така, се$ што досега понуди како мерка, или навистина воведе оваа Влада, или подобро речено СДСМ и Зоран Заев, е единствено во функција на предизборен маркетинг, што е најблаго речено, нечовечки однос токму кон оние од кои утре очекува да ја задржат на власт. Ќе наведам само неколку од нештата за работите да бидат јасни:

– Постојаното појавување на Заев во функција на човек кој и’ диктира на Владата што да работи, наместо автохтоно носење одлуки на оние кои се избрани и платени за тоа, треба на граѓаните јасно да им укаже дека СДСМ и Заев, а не Владата, се тие кои се „справуваат“ со потешкотиите.

– Постојаните прес-конференции на министерот за здравство, како најскапо платен портпарол на едно министерство, наместо обраќања на експерти од областа против која се бори здравствениот систем, а кои би проговориле и за проблемите со кои се соочуваат, како недостаток на маски, скафандери, респиратори и се‘ останато, јасно говори дека се прави привид на успешност во справувањето со кризата. За жал, на сметка на здравјето и изгубените човечки животи, што веќе не може да се смета за небрежност, туку за смислено дело против здравјето и животот на граѓаните на Република Македонија.

– Јавното и масовно давање компири, брашно, масло… намирници кои, преку бескрупулозното празнење на Буџетот во првите два месеци од годинава, веќе биле подготвувани за предизборен поткуп во време на редовни избори на 12 април, лично од највисоките претставници на СДСМ, наместо преку институциите на системот, притоа не почитувајќи ниту полициски час, ниту несобирање во групи поголеми од петмина, ниту пропишано растојание меѓу присутните, со што го загрозуваат нивното здравје, јасно покажува дека и она што треба да биде најблагородна работа доколку се одвива од срце и без реклама, за СДСМ е само уште еден предизборен маркетиншки потег и поигрување со сиромаштијата на луѓето во која токму тие ги доведоа. Јавното запишување во списоците на оние кои добиле „од вреќичките“, за утре да се бара нивниот глас на изборите, во време на криза мора да се смета за криминално дејство.

– Намалувањето на платите само на највисоките функционери на 14.500 денари, а истовремено исплаќање на заостанатите плати на рекетарското СЈО, е лицемерен потег за собирање политички поени, без какво било влијание за празниот буџет. Истовремено, илјадници работници во државава имаат неисплатени плати, но за жал, тоа што важи за привилегираните од СЈО, не важи и за навистина загрозените граѓани во државава.

– Донесувањето Уредба со законска сила со која се бара, замислете, „сведување на минимум на средствата за репрезентација, реклама и спонзорство“, наместо целосно нивно укинување во оваа криза, а истовремено барањето ВМРО ДПМНЕ да се откаже целосно од средствата со кои треба да учествува барем малку рамноправно на наредните избори, уште еднаш јасно говори дека се‘ што оваа Влада презема, е ставено во погон не за заштита на граѓаните, туку за заштита на СДСМ од извесниот изборен пораз. Голиот популизам упатен кон Мицкоски јавно да се откаже од средствата кои на партијата и’ следуваат и без кои ќе остане без можност да им исплати и најминимална плата на вработените технички лица ангажирани за функционирање на истата, е чист предизборен трик со кој треба да се создаде привид на „бездушност“ на Мицкоски, наспроти „загриженоста“ на Дескоска. Онаа истата, која грицкајќи лешничиња и бадемчиња од „репрезентацијата сведена на минимум“, му овозможи исплата на плати на свој близок и на блиски од врвот на партијата вработени во СЈО.

– Недонесувањето Уредба со законска сила, како во сите останати држави, со која отплатата на ратите за кредити кон банките за сите физички лица за период од шест месеци ќе бидат стопирани без пресметување камата, е смислен потег на додворување, или можеби исплаќање „стари долгови“ кон банките од времето додека СДСМ беше во опозиција, а неговите функционери живееја на висока нога. Имено, единствени, покрај врвот на СДСМ, кои дебело ќе си ја наплатат „солидарноста во кризата“, се токму банките, кои по завршувањето на таканаречениот грејс период од шест месеци што им го овозможуваат на граѓаните во знак на „солидарност“, веднаш потоа, преку засметани огромни камати, ќе си го наплатат. Да бидеш солидарен и истовремено да заработиш на грбот на оние на кои им ја нудиш „солидарноста“, тоа е стратегијата на СДСМ.

На крајот, додека сите се трудат во рамките на своите можности, да помогнат во справувањето со кризата, како на примерот на Мицкоски кој буквално моли за помош кај своите меѓународни пријатели, нечовечки е токму оние кои се платени со нашите пари од Буџетот, врвот на СДСМ, комотно „разбашкарен“ во Владата на Република Македонија, да влече потези само во полза на собирање предизборни поени. Монструозно е тоа да го работи на сметка на здравјето и животите на немоќните граѓани.

Веруваме во Господ и во неговиот суд, но, судот на народот ќе стаса на изборите, кога и да се одржат. Од оној народ кој страда од лицемерието на власта.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес