Две странски државјанки се затекнати со непријавен престој во струшкото село Велешта при акцијата што деновиве во угостителски објект ја реализираа полициските службеници од граничната полиција од регионалниот центар Запад и СВР Охрид.
„Б.Х.(28) и М.С.(21) од Република Албанија се затекнати во ресторантот „Багдад“ во Велешта по што, согласно законот за странци им е поднесена прекршочна пријава. Нив им е изречена парична казна од 250 евра и забрана за влез во Република Македонија во времетраење од една година“, соопштуваат од СВР Охрид.
Двете албански државјанки во угостителски објект „Багдад“ извесно време работеле како пејачки и имале нелегален престој со што извршиле злоупотреба на туристичкиот престој во Република Македонија за нелегална работа.