Нелоски: Ќе предложиме закон за формализирање на трговијата и чувањето на криптовалути, за тргување без ДДВ, и 0% данок …

21

Светот оди со големи чекори напред со големи чекори. Дигиталните технологии се иднината, а Македонија со Зоран Заев е заглавена во криминал и корупција. ВМРО-ДПМНЕ има концепт за развој на државата, концептот наречен – Македонија за сите луѓе, кој ќе значи повеќе пари и за граѓаните и за државата. Моментално во светот во подем е тргувањето со криптовалути. Пазарната вредност на криптовалути денес е 2.5 трилиони долари. Тоа е многу повеќе од пазарните вредности на Фејсбук, Епл, ЈП Морган, Волмарт и други светски гиганти, изјави на денешната прес конференција, Владимир Нелоски, претседател на Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Напредните држави како САД и Германија се далеку напред во оваа област. Пеј Пал во САД овозможува срамнување на финансиски трансакции преку криптовалути. Додека пак во Германија е направен закон со кој се овозможува трговија и чување на криптовалути. Денеска повеќе од 40 банки во Германија имаат платформа преку која се овозможува трговија и чување на криптовалутите, а со тоа неколку десетици милијарди евра завршуваат во нивниот буџет годишно. Време е да го фатиме чекорот со напредните држави. И токму затоа ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група во Собранието од позиција на опозиција ќе предложи закон во Собранието со кој што ќе се дозволи трговија и чување на криптовалутите во Македонија. Со тоа ќе им овозможиме на младите и на сите луѓе да инвестираат и да вложат пари и тие пари да завршат во економијата, се разбира домашната економија и да претставуваат додадена вредност на нашата економија, истакна тој.

– Законското решение ќе опфаќа низа поволности во вид на даночни ослободувања:
Трговија со криптовалути без ДДВ;
0% данок на добивка и персонален данок на доход за тие кои што ќе тргуваат со криптовалути најмалку до крајот на 2023 година.
Со ова законско решение ќе ја формализираме трговијата и чувањето на криптовалути. Ќе внесеме сигурност во правниот промет и кај граѓаните кои веќе тргуваат со криптовалути, но не можат тоа да го сторат во Македонија. Ова законско решение и овој пристап ќе донесе најмалку половина милијарда евра во македонскиот буџет. Да одиме кон иднината, а не пасивно да ја чекаме. Да направиме од Македонија лидер во регионот во трговија со криптовалути. Да се свртиме кон новите технологии и дигитализацијата и да креираме додадена вредност за економијата, посочи Нелоски.

Тој вели дека ова е само прв чекор во пошироката визија на ВМРО-ДПМНЕ за дигитална револуција. Криптовалутите се само првиот и најочигледен производ на користењето на Blockchain технологијата, или Distributed Ledger Technology, како поширок опфат (Блокчејн е една од ДЛТ технологиите).

– Блокчејн технологиите носат огромни придобивки во сите сфери од организацијата на работењето на фирмите во сите сектори: ги подобруваат и прават поефикасни процесите на идентификација на клиентите, водење на набавите, складирање, продажба, водење на залихите, извршување на меѓународните плаќања итн. Фирмите стануваат поефикасни, поконкурентни. Истото се однесува и на процесите во јавните институции. Ова е иднината, а моментот за македонското општество да почне со примена на блокчејн технологиите е сега. Време е за поинаков пристап. Време е за Македонија за сите луѓе, додаде Нелоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.