Нелоски: Нови сознанија за криминалните пожарникарски скали на Шилегов

Владимир Нелоски, претседател на Градски комитет денес презентираше нови докази за основаните сомнежи за криминална набавка на противпожарната скала на Градот Скопје и Петре Шилегов која е поскапа за 930 илјади евра од таа во Загреб.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:

Имено, веќе е јасно дека добитник на тендерот е компанија каде соучесник е „Армор плус“ на зетот на секретарот на Градот воден од Петре Шилегов. Но самиот тендер односно тендерската документација ја подготвува таткото на советничката на СДСМ во Градот Скопје, кој во меѓувреме станал и раководител на Секторот за заштита и спасување, Михајло Иванов, татко на советничката од СДСМ во Советот на Градот Скопје, Михаела Иванова.

Во пракса набавката следела вака – таткото на советничката од СДСМ, Михаела Иванова ја правел спецификацијата за набавка и го правел тендерот и тендерската документација за овој тендер од 1.7 милиони евра, ќерка му Михаела Иванова гласала на Советот, мрзеливиот апаш Шилегов потпишува, а зетот на секретарот на Градот Скопје преку фирмата „Армор плус“ ДООЕЛ набавува.

Сомнежот е дека крими шемата на Петре Шилегов изгледа вака – таткото на советничката прави тендер, советничката гласа, Шилегов одбира, а зетот на секретарот ги добива пари.

Дополнително во ек на овој скандал, овој документ кој што во овој момент го држам во рака покажува дека компанијата на зетот на секретарот на Градот Скопје воден од Петре Шилегов овие денови добива тендери од Шекеринска и министерството за одбрана, договор вреден речиси еден милион евра, односно над 52 милиони денари за набавка на спортска опрема. Значи не се само милионските скали туку сега омилената фирма на Шилегов ќе набавува и спортска опрема за Шекеринска и министерството за одбрана.

На сите им е јасна шемата каде има основан сомнеж за крадење народни пари од Град Скопје, само уште обвинителството не го гледа тоа. Ако ова погоре што го објаснив не е организиран криминал, тогаш очигледно има некој слеп во обвинителството.

Шемата и структурата на Драги Рашковски е мало дете за овие бандити во Градот Скопје.

Кога можеше Драги Рашковски да заврши во притвор за многу помала сума, се прашуваме што уште чекаат од обвинителството? Или можеби се обидуваат неколку дена да најдат начин да го заташкаат целиот овој случај, ама се свесни дека не може да се заташка, затоа што иста скала во Загреб е платена 800.000 евра плус ДДВ, додека пак ние во Скопје ја плаќаме 1.7 милиони евра.

Погледнете и проценете. Сега веќе на сите им е јасно зошто не е реализиран ниту еден проект. Затоа што парите наместо во проекти, завршиле во нечии џебови.

https://www.youtube.com/watch?v=SByNqBtUuXc&feature=emb_title