Нелоски: Шилегов со парите на скопјани купил за 900.000 евра поскапо противпожарно возило

Владимир Нелоски, претседател на Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека градоначалникот Петре Шилегов набавил едно противпожарно возило со скала по цена на две такви возила. Тој вели дека како добавувач на возилото се јавува фирма од Будимпешта под името „Хороскоп“. Таа фирма, е капитално е поврзана и „Армор плус“, преку нејзиниот косопственик од Хрватска каде косопственик е и зетот на секретарот на Град Скопје, десната рака на Шилегов, врди Нелоски.

– Дали ова не е судир на интереси? Алармот за злоупотреби е вклучен на најсилно, а ЈО не реагира. Мрзеливиот градски апаш Шилегов го купил противпожарното возило со скала за 1.723.621 евра. А, додека пак град Загреб купил идентично такво возило, од истиот производител по цена од 794.052 евра плус ДДВ,  односно речиси дупло повеќе од вредноста на хрватската скала сме платиле ние скопјани. Тоа се околу 900.000 евра повеќе, почитувани. Каде и во чиј џеб завршиле овие пари? – вели Нелоски.

Цената на возилото кое го набавил Шилегов, според Нелоски, е скоро двојна поголема од цената која Град Загреб ја платил за истото возило.

– Оттука залудни се сите обиди на Шилегов за правдање дека плаќал дополнителна опрема. Која е таа дополнителна опрема која чини повеќе од самото возило со скала? Ова не држи ни дотолку логика заради фактот што и возилото во Загреб е целосно опремено и функционално. Дополнителната опрема која Шилегов ја спомена на македонската скала, ја има и хрватската. На пример тоа е заштитна корпа. Од фотографиите од набавката на хрватската скала јасно се гледа дека таква корпа има и скалата која е купена за 930.000 евра помалку од таа во Скопје. Значи Петре лаже – обвини Нелоски и побара Шилегов да ги даде документите на увид на јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ не ја спори потребата од набавка на скала, но спори тоа што таа е скоро 900.000 евра поскапа од онаа во Загреб, која што е речиси идентична и очекува не само ДКСК, туку и ЈО да се вклучи и да отвори истрага.