Нема да има нова фабрика во Ѓорче Петров, туку проширување на постојната, со многу помала развојна површина, вели Стојкоски

Апсолутно нема ниту една нова фабрика на постојната локација, туку е постоечката која има добиено многу помала развојна површина како што реков во првичното излагање, негде околу четири пати помала развојна површина од тоа што имала претходно и нема градба на нови капацитети од индустрија, лесна и не загадувачка како што е предвидено согласно генералниот урбанистички план на градот Скопје, објасни градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, запрашан дали во општината ќе се градат три нови хемиски фабрики како што обвини градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.

„Нас овој детален урбанистички план по сите параметри целосно ни е усогласен со генералниот урбанистички план, проблемот во Градот е што не знаат да ги читаат плановите кои што самите си ги носат и треба наместо сабајле кога ќе станат да видат со кого ќе се расправаат денес да се фатат за сериозна работа, да седнат да си ги прочитаат ДУП-овите, да си ги прочитаат законите и да не не оставаат на милост и немилост, особено граѓаните на градот Скопје“, вели Стојкоски.