Нема да направиме отстапки во преговорите со Бугарија, рече Ковачевски

На прес-конференцијата на премиерите на Македонија и Србија Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ до македонскиот премиер беше упатено прашањето – на какви отстапки е подготвена Владата во насока на решавање на спорот со Бугарија. Ковачевски одговори „не сме подготвени да направиме отстапки“.

„Не сме подготвени на никакви отстапки, решението мора да се заснова на европските вредности, а тоа значи дека мора да е засновано на меѓусебно почитување меѓу политичарите, институциите и граѓаните на државите. Во тој контекест сакам да нагласам дека сакаме достоинствено решение. Ние имаме декларација во Собранието прифатена од парламентарните партии и таа декларација е основата за нашиот преговарачки тим во овој спор. Решението мора да биде прифатливо за двете држави и за добро на регионот“, рече Ковачевски кој претходно даде пошироко објаснување на досегашниот тек од разговорите.