Нема да се исклучува струја, парно и вода во време на вонредната состојба

Останува во сила препораката што пред две недели ја упативме до компаниите вршители на енергетски дејности, како и до јавните претпријатија што се даватели на водни услуги да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки додека трае вонредната состојба поради пандемијата со Ковид 19, информира Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

– Практично со ова известување сакам да им соопштам на граѓаните да бидат сигурни дека нема да има исклучување од струја, парно и вода додека вонредната состојба е на сила. Во исто време сакам да изразам благодарност до компаниите и јавните претпријатија чие работење е под надлежност на РКЕ кои веднаш позитивно одговорија на препораката и во овој периодот покажуваат солидарност и општествена одговорност кон потрошувачите – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Од РКЕ порачуваат дека се во разговори со компаниите да се изнајде најдобар модел за плаќање на сметките за режиски трошоци за март, април и мај со цел, како што велат, да не им бидат на товар на потрошувачите.

Најавуваат дека јавноста ќе биде информирана откако ќе се постигне евентуален договор за конечниот модел.