Нема договор меѓу Грција и кредиторите за доделување на следната транша од спасувачкиот пакет

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави дека разговорите со меѓународните кредитори на земјата имаат завршено без договор за доделување на траншата од една милијарда евра финансиска помош, пренесе „Франс прес“.

„Не, нема договор“, изјавил министерот по преговорите за иднината на сериозно задолжениот производител на оружје „Грчки одбранбени системи“ (ЕАС), една од државните фирми, што ја проверуваат доверителите.

Договорот за реструктуирање на ЕАС е клучен за доделувањето на следната транша од грчкиот спасувачки пакет.

Независно од тоа дали средствата ќе бидат доделени или не, Тројката ќе се врати во Атина во јануари за разгледување на останатите чувствителни прашања поврзани со реформите. Грција се надева дека ќе го започне шестмесечното претседавање со ЕУ во јануари, без притисокот од тешките преговори со кредиторите.

Делегацијата на Тројката меѓународни кредитори на Грција, ЕУ, ЕЦБ и ММФ, синоќа ја заврши својата последна посета на земјата, откако постигна договор само за иднината на компанијата за оружје ЕАС, објави весникот „Катимерини“.

Атина се надева дека овој договор со кредиторите ќе биде доволен еврогрупата на денешното заседание да одобри исплата на траншата од една милијарда евра.

Кредиторите го прифатиле предлог-планот на грчката Влада за преструктурирање на компанијата за оружје ЕАС, што предвидува одделување на цивилниот од воениот дел, Цивилниот дел би требало да ги преземе незаконските државни субвенции и на крајот да биде затворен. Три фабрики за производство на воена опрема ќе продолжат да работат, а други два ќе бидат затворени во јуни и септември следната година. Во компанијата ќе останат на работа 500 лица, а околу 300 ќе добијат пакет со отшета, што ќе ја надмине сумата од шест милиони евра, наведува „Катимерини“.

Во првичниот план се предвидуваше во ЕАС да останат помалку од 350 работници.

Грчката Влада презеде обврска ЕАС да остварува приходи од 13,5 милиони евра од извоз во следната година, а една година подоцна приходите да достигнат 20 милиони евра. Ако компанијата не оствари заработка до крајот на следната година, таа ќе биде дополнително преструктурирана.

Грција и Тројката меѓународни кредитори, меѓутоа, не успеаја да се договорат за другите спорни прашања, забележува „Катимерини“.