Нема Формула1 во Мајами пред 2020 година

Иако желбата на Формула 1 беше  од следната сезона да се вози трка низ улиците на Мајами ова би можело да се случи дури во 2020 година, бидејќи преговорите не се движат во најдобра насока.

Намерата беше трката во Мајами да се вози во октомври, а тоа би било веројатно 20 гран-при во следната сезона, бидејќи во моментов 19 патеки имаат договор со Формула 1. Меѓутоа, од „Либерти медиа“ која управува со најбрзиот циркус на светот рекоа дека е истечено времето да се договори трката во Флорида следната сезона.

Преговорите се комплицирани, но има напредок во разговорите. Одлуката е воведувањето на трката да се одложи и тоа го одлучивме заедно со властите на градот, вели еден од шефовите на Формула 1, Шон Брачес.

Формула 1 е одлучна да донесе уште една трка во Америка освен таа која веќе се вози во Остин, Тексас. Сепак, најголем проблем кај Мајами е околу патеката, бидејќи е дизајнирана да оди преку центарот на градот и низ пристаништето, но токму околу тоа има најмногу „тензија“.

Сакаме да имаме најдобра можна трка. Ако поради тоа треба да чекаме до 2020 година тогаш тоа е подобро отколку да добиеме патека која не е оптимална, рече Брачес.

Формула 1 се уште официјално не означила нова патека за 2019 година. 19 патеки на кои се вози годинава имаат договори и за следната сезона, а само „Сузука“ и „Хокенхајм“ чекаат договор со Ф1.