Нема градежни активности на Коридорот 8 затоа што нема спремни проекти и дозволи, а од денеска тече рокот за плаќање на пенали кон „Бехтел и Енка“

-Нема уште долго време да видиме градежни активности на терен затоа што од Владата  слушнавме тоа ни зборуваат цело време, а тоа е дека не се подготвени и немаат проекти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, кој е неговиот став откако вчера, наместо градежни активности на коридорот 8, Министерството за транспорт и врски пушти само соопштение.
Мицкоски откри и нов момент од Договорот на Владата со „Бехтел и Енка“, потенцирајќи дека Владата бара измени на Законот за градење, односно да се почне со проектот без претходно да се добие дозвола за градење, односно без основен проект кој би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија што следат согласно законот.
-Самите кажаа дека сега е процес за формирање градилиште. А, што значи тоа? Ќе бараат парцели каде ќе ги одложат градежните машини и алати, каде ќе се изградат живеалишта претпоставувам за работниците кои планираат да ги донесат од надвор. Потоа, од она бледо соопштение од Владата дека допрва ќе биде снимањето на терен,  геолошки и геотехнички истражни работи, идентификување на катастарски парцели, односно дефинирање на трасата, бидејќи трасата се уште не е дефинирана. Па, дури потоа следи изработка на основен проект, па ревизија на истиот, па дури потоа аплицирање за одобрение на градба заедно со сите придружни дозволи. Што бара Владата? Да речеме, во Законот за градење бараат да го почнат проектот без дозвола за градба. Ако сакате да почнете градба на куќа или на било што, мора да извадите дозвола и да добиете одобрение за градење. Но, тие сакаат овој историски проект како што го нарекоа, да го отпочнат без одобрение за градба, односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот, истакна Мицкоски.
Тој ја повика Владата да го демантира ако не е точно тоа што го зборува, укажувајќи дека досега, се што изнеле во јавноста, не било демантирано.
-Нека ме демантираат ако не е така. Кажавме за работната недела дека сакаат да ја продолжат иако е противуставно, не кажаа ништо. Зборувавме за бројот на работници, повторно не кажаа ништо. Зборувавме за експропријацијата по цена на легални градби, повторно не кажаа ништо. Зборувавме за пеналите ако се згреши при проектирањето да го плаќаат граѓаните, пак не кажаа ништо. И уште многу, многу други работи. Го суспендираат македонското законодавство, го прифаќаат англосаксонскиот модел, изјави тој.
На прашањето дали тоа значи дека од денеска почнуваат да течат роковите и дека со тоа државата ќе плаќа пенали, Мицкоски одговори:
„Да, денеска поминуваат 45 дена од денот на потпишувањето. Законот за работни односи не е сменет, односно работната недела е 40 работни часа, не е 60 како што тоа е предвидено во Договорот и од денеска стартуваат пеналите, односно еднократно ќе треба да се платат 53 милиони евра на „Бехтел и Енка“, а потоа секој месец ќе треба да се даваат и над 2 милиона евра за секој ден. Зошто? Затоа што некој одлучил да ве краде. И затоа ја повикувам македонската јавност да застанат против ова историски зло дело, а не историски проект, рече тој.