Нема летови за Полска до 8 септември, за Финска до 29 август

За Полска од македонските аеродроми и обратно нема да може да се лета до 8 септември. Полските власти, според пишувањето на специјализираниот портал Exyuaviation, оваа недела забраната ја продолжила за повеќе земји, меѓу кои и Црна Гора.

Исто така, на својата листа од 63 земји за кои летовите се забранети, според порталот Полска додала уште 20. Меѓу нив се Шпанија, Белгија, Малта и Романија.
Забраната е укината за Србија, Кина, Сингапур, Русија, Габон и за Сао Томе и Принципе.

Овие одлуки се веќе стапени во сила.

Претходно и Финска ги суспендира летовите од Македонија откако прими патници заразени со ковид-19. До минатата недела од скопскиот аеродром нискобуџетната авиокомпанија „Виз Ер“ леташе за финскиот град Турку. Овие летови се суспендирани до 29 овој месец откако во четири последователни лета од Скопје се откриени 60 заразени патници.

На првиот лет на 8 август по доброволното тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје позитивни беа 26 лица, на вториот на 11 август пет, а на 18 август уште 12. Од последниот лет од Скопје во Турку на 22 овој месец беа ставени во карантин 113 тестирани патници, од кои кај дел е потврден вирусот.

Финските власти ја ставија Македонија на листата на високоризични земји иако најголем дел од патниците во четирите лета имале косовски и фински пасоши.
Финскиот министер за транспорт и врски Тимо Харака деновиве изрази надеж дека овие летови ќе бидат само привремено суспендирани до крајот на месецов.

И Германија ја стави нашата земја на црната листа на земји со голем број заразени, но летовите за Дортмунд, Хамбург и други градови сè уште се одржуваат.

Забраните и редуцираниот авиосообраќај во услови на ковид-19 драстично го намалија прометот на двата македонски аеродрома. Според бројките што ги пренесува Exyuaviation во јули на скопскиот аеродром се регистрирани 57.419 патници, што е намалување од 76,3 проценти во однос на истиот месец лани. Бројот на комерцијални летови е намален за 55,6 отсто, на 833.

-Во првите седум месеци од годинава, скопскиот аеродром имаше 443.679 патници, што е намалување за 57 проценти споредено со истиот период во 2019 година. Покрај ограничувањата за влез во Европската Унија, кои влијаат на бројот на патници, во јули, исто така, Австрија, Италија и Полска воведоа забрани за летови за сообраќај кон и од Македонија, пишува порталот.

Треба да се напомене дека од средината на март до 1 јули скопскиот и охридскиот аеродром беа затворени за комерцијални летови и преку нив се одвиваа само карго и хуманитарни летови, што исто така влијае за драстичниот пад на бројот на патници и летови во првата половина од годинава.