Нема најави за отпуштање на вработени кај странските инвеститори во ТИРЗ

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони информира дека во моментов ниту еден странски инвеститор не најавил отпуштање на работници, ниту пак повлекување на инвестициите.

Во денешното соопштение од Дирекцијата на ТИРЗ се наведува дека во фабриките по налог на нивните централи од странство е препорачано производствениот процес привремено да запре и оти вработените се на платен годишен одмор кој ќе биде регулиран со надоместок на сите вработени.

– Во моментов ниту еден странски инвеститор не најавил отпуштање на вработените, ниту пак повлекување на инвестициите. Можно е да се пролонгираат планираните активности во зависност од условите на светскиот пазар. Неколку фабрики се очекува да бидат на поголем удар и први да го почувствуваат шокот на пазарот. Пред се тука се мисли на капацитетите што произведуваат компоненти за автомобилската индустрија за кои веќе има најава дека на глобално ниво ќе имаат прекин на производството, велат од ТИРЗ.

одаваат дека се во постојана комуникација со претставниците на компаниите и оти сите стопански субјекти во зоните ги почитуваат мерките на Владата за спречување на ширењето на Ковид 19.

– Во духот на добрата соработка Дирекцијата на ТИРЗ како одговорна институција е координатор со првите луѓе во компаниите и заеднички даваме конструктивни предлози на тимовите на Владата за да изнајдеме начин заедно да се справуваме со економските ефекти на Ковид-19 со цел да го балансираме задржувањето на ликвидноста на компаниите и заложбата да не се намали бројот на вработените. Ова го правиме во рана фаза од кризата согледувајќи ја оваа дестабилизација на светските економски токови, нашите очекувања се дека најголемиот шок ќе настане во вториот квартал, а со наша максимална мобилизација, преструктуирање и фокусирање на проектите закрепнувањето го очекуваме да започне од третиот квартал, се истакнува во соопштението.

Претставниците на компаниите, како што се вели, ги поздравуваат напорите и мерките на Владата за да се сочува ликвидноста на фирмите и очекуваат дека сите работни места ќе бидат задржани во идентичен број до денот на прогласување на пандемијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.