Нема напредок во медиумската сфера во Македонија – тема во светските медиуми

Нема сериозни промени во медиумската сфера во 2018 година, и покрај промената на власта, се оценува во Годишниот извештај на ЗНМ за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија.

Заклучоците на ЗНМ, одекнаа и во светските новински агенции, кои ја пренесуваат лошата состојба на медиумите во земјава.

Власта, уште во изборната кампања најавуваше подобрување во медиумскиот сектор, но засега од најавите ништо. Па, дури и на протестот на новинарите пред Владата, кој се одржа пролетва, се приклучија владиниот портпарол Миле Бошњаковски и министерот за комуникации Роберт Поповски, од каде ветија дека сите граѓани и медиуми слободно ќе си ја вршат работата и нагласија дека цензурата е забранета со Устав. Сепак, и покрај ваквите најави новинарите 2018-тата година ќе ја завршат онака како што и ја започнаа. Според ЗНМ, притисоците остануваат, а напредок не се забележува. Останува единствено да се види дали е блеф ветувањето за подобри услови за работа на новинарите со донесувањето на новиот Закон за медиуми, кој неофицијално ќе се најде пред пратениците по изгласувањето на уставните измени.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, истакна дека Владата не успеа да ја подобри медиумската регулатива што беше долго време најавувана, бидејќи, како што посочи, измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој требаше да создадат подобар амбиент за работата на медиумите се уште не е усвоен во Собранието. Според него, охрабрува тоа што власта и опозицијата се блиску до договор и се очекува законот да биде донесен до крајот на годината.

-Во 2018 година не само што немаше подобрување на законската медиумска легислатива имаше дури и одредено назадување. Во текот на летните одмори без дебата и нетранспарентно Владата ги усвои измените на Изборниот законик и Законот на финансирање на политичките партии со кои се овозможи на парламентарните партии да трошат јавни пари за финансирање на медиумската политичка пропаганда за време на изборна кампања и референдум. Ваквите измени ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите, бидејќи тоа е заобиколен начин за враќање на владините реклами со кои во минатото претходната власт ја купуваше наклонетоста на медиумите и влијаше врз нивната уредувачка политика, истакна Секуловски.

Во однос на безбедноста на медиумите, Секуловски рече дека годинава има одредено подобрување бидејќи бројот на напади врз новинари е намален за трипати, а донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. Имено, за разлика од лани кога се забележани 18 напади врз новинари во 2018 се регистрирани шест напади.