Нема напредок во мировните преговори меѓу авганистанската влада и талибаните

Авганистанската влада и водачите на радикалното исламистичко движење Талибан не можат да се согласат околу основните прашања по една седмица преговори за ставање крај на повеќедецениската војна во која се убиени десетици илјади луѓе.

Несогласувањата, не само во врска со прекинот на огнот, туку и околу основните прашања, не оставаат многу надежи за закрепнување на земјата опустошена од војната. И покрај тешкотиите, најновите преговори се разултат на договорот меѓу талибаните и САД од февруари со кој се предвидува постепено повлекување на странските трупи од Авганистан.

Меѓутоа, и покрај ослободувањето на заробениците и затворениците од двете страни во внатрешниот авганистански судир, талибаните не се согласија на безусловен прекин на огнот и војната продолжува. Околу 40 луѓе се убиени во талибанските напади изминатата седмица.

Од почетокот на преговорите на 12-ти септември во катарска Доха, на кои присуствуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео, двете страни единствено потврдија дека имаат дијаметрално спротивни ставови по секое прашање.

„Разговараме со страна која е тешка и нефликсибилна и затоа нема напредок“, изјавил за новинарите претставник на преговарачкиот тим на авганистанската влада.

Двете страни ќе мора да се занимаваат со бројни различни прашања за да постигнат мир, од легитимитетот на владата во Кабул до правата на жените…

„Првата седмица покажа колку преговорите ќе бидат комплексни, а најважни ќе бидат оние за идното политичко уредување на Авганистан“, изјавил за Reuters Греам Смит, независен аналитичар кој ги следи мировните преговори во Авганистан.

Жените би можеле да бидат првите жртви на преговорите, доколку владата попушти и го дозволи укинувањето на некои од нивните права за да го задоволи талибаните, стравуваат активистките во Авганистан.

Тројца неименувани дипломати кои ги надгледуваат преговорите за Reuters изјавиле дека преговорите запнале на шеријатскиот закон. Владата и талибаните имаат дијаметрално толкување на овој закон кој произлегува од исламската традиција, рекол западен дипломат во Доха кој барал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите.

Станува збор за различни ставови за казнување на злосторниците, за правата на жените и за слободата на образованието и на говорот.

Портпаролот на авганистанскиот претседател Ашраф Гани го критикувал тоа што талибаните уште во раната фаза од новите преговори инсистирале на дискусијата за политичкото уредување на земјата.

„Тоа не е во согласност со желбата на нашите луѓе за траен мир и со моменталниот политички систем во Авганистан, исламската република која ужива легимитет“, изјавил портпаролот Седик Седики.