Нема ниту руски ниту кинески вакцини против Ковид-19, а тие на „Фајзер“ од Србија во Македонија ќе дојдат со интервентен увоз

Вакцините кои ќе ни ги даде соседна Србија во Македонија ќе стигнат со интервентен увоз, изјави за „Сител“ министерот за здравство Венко Филипче.

Србија минатата недела се согласи да и даде на Македонија 8.000 вакцини на производителот „Фајзер“.

Министерот Венко Филипче вели дека компанијата во нашиот случај се согласила да отстапи од генералната политика и без регистрација вакцините од Србија да пристигнат со интервентен увоз.

Истата постапка ќе биде и за првата количина од 5850 дози договорена директно со Фајзер, а кои треба да стигнат во февруари.

Сепак Филипче очекува да нема пречки во законска процедура за измена на законот за лекови за да може без претставништво во земјата да се набавуваат вакцини.

Во интервју за тв-шоуто „Добро утро Србија“, премиерката Ана Брнбаиќ изјави дека тие помагаат вакцините „Фајзер“ да се регистираат во Македонија.

-Може да биде проблем што тие добија вакцини на „Фајзер“, но не се регистирани. Не е поентата само да се купи вакцината. Има многу други работи кои пред тоа треба да се направат. Треба да се регистрира од страна на релевантна агенција, мора да постои план за имунизација на населението, изјави Брнабиќ.

Во Македонија нема да има ни руска ни кинеска вакцина против ковид 19. Засега Комитетот за имунизација при Министерството за здравство решил да даде приоритет на вакцината против ковид-19 која е одобрена од ЕМА и од ФДА, односно европското и американското регулаторно тело за контрола на лекови кои го следат и контролираат целокупниот процес на создавање на вакцината како и клиничките студии, пишува „Слободен печат“.

-Тоа не значи дека вакцините коишто го немаат поминато тој процес не се безбедни, меѓутоа Министерството за здравство приоритет даде токму на таа вакцина која ги заокружила сите процеси на создавање. Министерството за здравство и за многу други препарати, лекови и продукти ги бара тие сертификати од ЕМА и ФДА, па оттука многу логично беше кога проактивно настапувавме кон одредени производители на вакцини против коронавирусот, тоа да ни биде еден од приоритетите како да ги селектираме вакцините кон кои ние како држава приоѓаме, појаснуваат од Министерството за „Слободен печат“.