Нема нов случај на заболен од корона вирус во Македонија

Во изминатото деноноќие не се тестирани нови пациенти од коронавирус и до овој момент нема нов случај на заболен од овој вирус во  Македонија, соопшти во неделата претпалднето министерството за здравство.

Единствената пациентка позитивна на вирусот Covid-19 е во добра здравствена состојба, се додава во изјавата за медиумите. Таа се лекува во одделот за изолација, под постојан мониторинг на стручниот лекарски тим според сите здравствени протоколи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Останатите патници кои биле во комбето со единствената пациентка позитивна на корона вирус и лицата со кои тие оствариле непосреден контакт остануваат во домашна изолација.

Во моментов нема македонски државјани заразени од овој вирус, ниту, пак. македонски државјани кои се под карантин во Италија. Во земјата се спроведуваат препораките на Светската здравствена организација за заштита од коронавирус.

Од Министерството за здравство апелираме до граѓаните да ги применуваат мерките за хигиена, како што се избегнување близок контакт со лица кои имаат респираторни симптоми, кашлање, кивање, почесто миење раце со сапун и топла вода, да се стави маска доколку во близина има лице со симптоми на респораторно заболување.

Во однос на состојбата со коронавирусот, апелираме до граѓаните да се информираат само од официјалните информации на релевантните институции.

Во текот на утрешниот ден, министерот за здравство Венко Филипче ќе го одржи редовниот брифинг за состојбата со корона вирусот во земјата.