Нема опасност од излевање на поголемите реки

Врнежите од дожд во изминатите 24 часа не претставуваат опасност за излевање на поголемите реки во државата. Водостојот е далеку од граничниот праг на излевање, соопшти утринава Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Иако на некои водотеци се очекува зголемување на водостојот, сепак, поголемите реки се далеку од граничниот праг на излевање и нема опасност од нивно евентуално поплавување, се наведува во извештајот на Управата.

Врнежите кои паднаа во изминатите 24 часа биле најобилни во југоисточниот дел на земјата, Берово 43 мм, Гевгелија 41 мм, во Струмица и Демир Капија по 18 мм, но според информациите од метеоролошките станици не биле со силен интензитет и за подолг временски период се сливаа во речните сливови, што со оглед на моменталните ниски водостои не претставува никаква опасност за водотеците низ земјата, појаснуваат од УХМР.

Посочуваат дека единствена опасност и закана од можни локални излевања може да бидат само силно интензивни врнежи кои за кратко време би наврнале во сливните подрачја на помалите реки и суводолиците.

Доколку во текот на ноќва паднат врнежи со ваков силен интензитет и бидат концентрирани на помалите сливови, можно е брзо надоаѓање на водите во помалите реки и суводолиците, а при појава на екстремни врнежи, и локални излевања на поедини места. Ова особено се однесува на водотеците во југоисточниот дел на земјава каде според прогнозите е можна појава на пообилни врнежи, велат од УХМР.

Предупредуваат на внимателно движење покрај малите реки и суводолиците каде е очекувано брзо надоаѓање на поројни води и каде има опасност од појава на свлечишта и одрони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.