„Нема правда, нема мир“ во Лондон и Берлин, поради убиството во Минеаполис

Стотици демонстранти се собраа во неделата во Лондон и во Берлин за да искажат солидарност со демонстрантите во САД во протестите поради смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење во Минеаполис на почетокот од седмицата.

Демонстрантите на централниот лондонски плоштад Трафалгар клечеа извикувајќи „Нема правда, нема мир“, а потоа во протестна поворка минаа пред зградата на парламентот и амбасадата на САД.

Полицијата соопшти дека пред американската амбадаса уапсила петмина демонстранти, тројца поради кршење на епидемиолошките мерки и двајца за напад врз полицајци.

Неколку стотина демонстранти се собраа и пред амбасадата на САД во Берлин носејќи транспаренти „Правда за Џорџ Флојд и „Престанете да нѐ убивате“.

Цела седмица во САД се одржуваат насилни протести по смртта на 46-годишниот Флојд, кој по апсењето по потера за наводно растурање фалсификувани банкноти, бел полицаец со колено му го притискал вратот по што мажот починал.
.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.