Нема притвор за поранешниот в.д. директор на Централен регистар Андреа Поповски

Нема притвор за поранешниот в.д. директор на Централен регистар, Андреа Поповски, одлучил Основниот суд Скопје 1. Судот го одби барањето на Основното јавно обвинителство – Скопје за притвор за Поповски, кој вчера беше приведен поради сомнеж дека ги злоупотребил службената положба и овластувањата со вработување партиски кадри.

Судот му одредил мерка за претпазливост, односно привремено одземање на неговата патна исправа и забрана за воспоставување контакт со одредени лица поврзани со кривичното дело, информираат од Кривичниот суд.

Се уште трае постапката за останатите спроведени лица за кои се бара мерка за претпазливост.

Поповски се товари дека од крајот на 2014, го средината на 2017, со пречекорување на границите на своето службено овластување, усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Вработената добивала плата и придонеси, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата, соопшти денеска ОЈО.

Останатите четворица вработени, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.