Нема промена во бугарската позиција за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ

Нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговорите со Македонија за за полноправно членство во Евроспката унија по состанок на Советот за општи работи, објави доцна вечерта во вторникот БНР.

Бугарското вето останува, иако, според дипломатски извор, планираниот остар став на Бугарија кој требало да биде искажан пред Советот, не бил изразен поради трагедијата на автопатот Струма.

Постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Румен Александров, најпрвин изразил длабоко сочувство за инцидентот во кој загинаа 45 македонски граѓани и истакнал дека Македонија сѐ уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Додал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања како гаранции за правата на луѓето со бугарска самосвест, како и дека Македонија треба да преземе конкретни обврзувачки обврски, од кои некои треба да бидат исполнети на краток рок, а останатите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Александров рекол дека пред тоа да се случи не може да се очекува напредок.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Гашпер Довжан, како што јави претходно во вторникот дописничката на МИА од Брисел, изјавил дека голем фокус на денешниот состанок бил ставен на бугарско-македонскиот спор.

„Ме радува што има општа поддршка за целиот процес, но сѐ уште има билатерални прашања, посебно истакнати од страна на Бугарија. Но се надевам дека до крајот на нашето претседавање со ЕУ ќе успееме да ги решиме проблемите, овој процес мора да биде позитивен“, изјавил Довжан.